Препознатливата разнобојна линија облека на Benetton за прв пат почна да се произведува во 1965 година и она што беше првично во форма на шарена трикотажа, прерасна во најголем ланец за облека во светот.
Компанијата беше креирана од тројца браќа и една сестра како мала продавница за плетени работи со седиште во Понцано – Венето, Италија. По смртта на нивниот татко, Лучијано (роден 1935 година) го напушта училиштето за да работи во продавница со облека, за да ги издржува неговата мајка, сестра Џулијана и помладите браќа Жилберто и Карло.
Лучијано собра големо искуство во промоција и комерција додека работеше во текстилната продавница во Тревизо, што подоцна му помогна да оствари контакти со големи компании за производство на плетена облека и да го прошири својот бизнис. Како претседател на групацијата Benetton, Лучијано го предводеше ширењето на фамилијарниот холдинг, особено во 90-тите години.
Освен што беше успешен претприемач, тој беше и политички активен во периодот од 1992 до 1994 година. Лучијано е татко на четири деца меѓу кои и Мауро Бенетон, маркетинг директор на Benetton.
Неговата сестра Џулијана работеше на креирање нови плетени колекции и ги надгледуваше линиите на производните процеси. Таа беше вклучена во бордот на директори на двете компании Edizione Holding, фамилијарната финансиска холдинг компанија и групацијата Benetton.
Жилберто Бенетон е потпретседател на Benetton, претседател на Edizione Holding и претседател на Benetton Sportsystem. Тој исто така ги раководеше сите спонзорства на Benetton на спортските настани. Преку Benetton Foundation, тој создаде спортски комплекс во Тревизо наречен Cittadella dello Sport, што беше отворен за јавноста.
Карло Бенетон беше инволвиран во производствените компоненти на компанијата како во главните седишта, така и надвор. Тој беше и потпретседател на Edizione Holding и беше во бордот на директори на Benetton.
Мауро, најстариот син на Лучијано, започна да работи за Benetton како студент, а потоа беше менаџер на продавница во Париз. Во 1985 година стана одговорен за новата колекција на главната линија на групацијата, што забележа рекорден пораст. На 30-годишна возраст, во 1992 година, Мауро беше назначен за директор на маркетинг.
Секој член од фамилијата со својата експертиза во одредена област придонесе за значителен раст и развој. Нивната цел беше пазарот за секојдневна облека што буквално паѓа во очите на купувачите. Првично се продаваа волнени парчиња, но потоа на таа линија се додадоа и памучните.
Кога наидоа на потешкотии во работењето, компанијата ги купи регионалните производствени погони за чорапи по прилично евтини цени. За само четири години, од 1972 до 1976, тие се проширија и почнаа да произведуваат секаков тип на облека, од фармерки до ракавици. Со доаѓањето на 90-тите години, за групацијата работеа вкупно 14 членови од семејството.
Тие работеа на тој принцип што купуваа необработени материјали на големо и ги контролираа процесите (особено бојата) од самиот почеток. Дури 80% од производството се одвиваше во фабрики што не беа во нивна сопственост, но сепак беа контролирани од нив.
Како дел од бизнис моделот, продавниците беа големи 37 метри квадратни, за разлика од конкуренцијата што ги нудеше своите производи во многу поголем простор. Тоа, според нив, помагаше вработените да бидат фокусирани на продажбата, што и беше прилично подобра од конкурентската.
Но, успехот на Benetton во најголема мера се должеше на нивната доверба. Тие сакаа продавниците да бидат исклучиво Benetton, но им дозволуваа на сопствениците да поседуваат 51% од холдингот. Фамилијата секогаш преферираше да склучува партнерство со нивните производители и дистрибутери. Според нив, специјализацијата и стандардните вредности се главни инструменти што овозможуваат голема продуктивност.
Во 80-тите години, бројката на продавници во САД се намали, но нивниот број надвор забележа голем пораст. Само во Кина истата деценија се отворија уште 50 продавници. До 1996 година, Benetton беше присутен во 100 земји со 7.000 аутлети за нивните главни брендови од United Colors of Benetton, Sisley, и 012 којшто вклучува шминка, костими за капење, очила за сонце, часовници, канцелариски материјал, долна облека, чевли, производи за домаќинство итн. Нивната продажна мрежа вклучуваше 80 филијали и тим од 800 вработени одговорни за поединечни продавници во различни географски области.
Компанијата издаде и списание наречено Colors, каде во голема мера се практикуваше различен мултикултурен јазик и пораки што Benetton ги користеше во рекламните кампањи од 80-тите.
Во 1995 година Benetton спонзорираше спортски тимови во одбојка, кошарка и рагби. Деведесеттите ја одбележаа низа критики за користењето на контроверзни слики во нивните рекламни кампањи, како на пример фотографии поврзани со војна, СИДА, расизам, насилство и бездомници. Додека Benetton се соочуваше со голем притисок да ги тргне своите контроверзни фотографии, наиде и на големо восхитување за социополитичкиот елемент.
Benetton независно и заедно со други групи и организации придонесе за многу иницијативи за поткревање на социјалната свест и решавање на голем број проблеми. Како пример за тоа е кампањата во 1995 година за едукација и спречување на СИДА во Индија. Тука спаѓа и Support for War Child, добротворна организација што им помага на децата во местата зафатени со војна.
Користењето на технологијата на најдобар можен начин го однесе менаџментот од мала продавница во Понцано – Венето на глобална скала.
Заклучно со 2013 година, компанијата вреди 1,6 милијарди евра, а вработува приближно 11.000 работници. Денес, студенти од целиот свет студираат на Fabrica, истражувачки центар за уметност и комуникациски вештини близу Тревисо, со надеж дека новата технологија ќе ги однесе нив и Benetton уште подалеку и ќе го продолжи успехот.