Bentley го произведе последниот V8 L-Series мотор

71

Bentley го испраќа својот легендарен бензински мотор во заслужена пензија, кој во своето прво издание се појави пред повеќе од 60 години.

Еден од најдолго произведуваните агрегати за автомобили, 6,75-литарскиот V8 мотор од L-Series, кој е дело на Bentley, по 36.000 примероци и 61-годишен стаж, заминува во пензија. Bentley го произведе и го вгради последниот мотор, кој со адекватни модификации и подобрувања со текот на времето, беше дел од славната британска автомобилска компанија уште од 1959 година.

Славниот 6,75-литарскиот V8 мотор ќе биде заменет со значително почистиот и поштедливиот V6 мотор кој ќе добива помош од хибридна технологија. Последниот V8 мотор кој развива 537 КС и 1.100 Nm максимален вртежен момент рачно го составуваа седум специјалисти на кои им беа потребни 15 часа, а конечното одредиште го пронајде под хаубата на ултралуксузниот модел Bentley Mulsanne кој на себе ја носи ознаката 6.75 Edition.

Овој 6,75-литарски V8 L-Series мотор на Bentley е развиван уште во текот на 50-тите години од минатиот век, додека Bentley и Rolls-Royce се наоѓаа под еден покрив и е заеднички проект на инженерите на двете компании. За прв пат овој агрегат бил вграден во Bentley S2 од 1959 година, со тоа што тогаш зафатнината била нешто помала, односно 6,25-литри, а испорачувал нешто повеќе од 180 КС. Во 1968 година, моторот е унапреден и достигнува зафатнина од 6,75-литри, а во 1982 година, заедно со овој агрегат се вградува и Garret турбо полнач со што моделот Mulsanne Turbo располагал со 300 КС.

Од друга страна, компанијата Rolls-Royce го пензионираше 6,75-литарскиот V8 мотор уште во 2002 година со моделот Corniche, додека Bentley по ова до некаде ја модернизираше оваа погонска единица, имплементирајќи ја таканаречената деактивација на цилидрот, како и воведување на нов турбо полнач со што моќноста ја искачи на околу 530 КС.

Со зголемувањето на работната зафатнина, константните подобрувања на различните компоненти и воведувањето на турбополначи, моќноста на моторот константно растела, а во Bentley со гордост истакнуваат дека емисијата на издувни гасови во последното издание на L-Series е дури 99 проценти помала од емисијата која ја произведувал моторот од првата произведена серија.

Преземено од Avtoplus.mk