Беркшир Хатавеј падна од првото на 338 место

Компанијата Беркшир Хатавеј на инвеститорот Ворен Бафет  падна од минатогодишното прво место на 338-та позиција на листата на Глобал 2000, која ја објавува магазинот Форбс од 2003 година. Беркшир Хатавеј забележа нето загуба од 22,8 милијарди долари во изминатите 12 месеци.

Првото место на листата за оваа година го зазеде, за прв пат од 2011 година, JPMorgan Chase со вкупен приход од 180 милијарди долари во последната година.

Од 2003 година, Глобал 2000 ги рангира светските јавно тргувани компании според продажбата, профитот, средствата и пазарната вредност. Овогодинешниот список ги вклучува податоците за последните 12 месеци достапни до 7 мај. Вкупно 2.000 компании на листата имале 50.800 милијарди долари во продажба, 4.400 милијарди долари добивка, 231.000 милијарди долари имот и пазарна вредност од 74.000 долари. Сите категории се во благ пад во однос на лани, освен рекордните приходи.

Најголем дел од компаниите на листата на Глобал 2000 се со седиште во САД, од нив 611, наспроти 595 на минатогодишната листа на Форбс. 346 компании од листата се регистрирани во Кина и Хонг Конг, а потоа следи Јапонија со 192 компании на листата. Ова се трите единствени земји кои имаат трицифрен број на компании во првите 2.000 на нивната територија.

САД имаа 776 компании на првата листа на Глобал 2000 во 2003 година, а бројот беше најмал во 2012 година кога имаше 536. Оваа година е прва од 2007 година кога САД имаат повеќе од 600 компании на листата. Своето место на листата го најдоа компании од 58 земји. Вкупно 648 компании се рангирани на сите листи од 2003 година.