
Акциите на пет водечки македонски компании доминираа на официјалниот пазар на Македонската берза во текот на ноември, покажува најновиот Месечен статистички билтен. Комерцијална банка Скопје, Макпетрол Скопје, Алкалоид Скопје, НЛБ Банка Скопје и Гранит Скопје се издвојуваат како најтргувани компании, и тоа и по број на трансакции и по остварен промет.
Податоците го одразуваат зголемениот интерес на инвеститорите и ги потврдуваат овие компании како клучни двигатели на домашниот капитален пазар.
Со акциите на Комерцијална Банка направени се 523 трансакции, со просечна цена од 27.691,93 денари и промет од 2.062.382 евра.
По нив со 154 трансакции со просечна цена од 115.813,99 денари и промет од 1.497.903 евра следат акциите на Макпетрол Скопје, а зад нив со 336 трансакции со просечна цена од 25.624,70 денари и промет од 1.422.004 евра се акциите на Алкалоид Скопје.
Меѓу петте најтргувани акции се најдоа и акциите на НЛБ Банка Скопје со 95 трансакции со просечна цена 57.419,62 денари и промет од 452.523 евра и Гранит Скопје со остварени 57 трансакции со просечна цена од 1.672,21 денари и промет од 201.827евра.












