Бесими:Поддршката за граѓаните и компаниите во ребалансот е вградена во повеќе програми и е повеќе од 76 милиони евра

37

Поддршката за граѓаните и економијата со ребалансот не е само 76 милиони евра, кои се предвидени во посебната програма за антикризни мерки. Ребалансот содржи повеќе средства за поддршка кои се распределени во повеќе позиции и програми.

Ова го истакна министерот за финансии Фатмир Бесими во гостување во Тема на денот, во Дневникот на ТВ Сител.

„Како одговор на кризата уште во март пристапивме кон донесување на еден пакет мерки, што беше еден од најголемите како учество во БДП во регионот. Ребалансот на Буџетот е одговор на дел од тие мерки, бидејќи иако имаше предвидено како бафер во Буџетот 50 милиони евра, ние отидовме со мерки кои беа со многу поголем износ. Така што сега со ребалансот се прават усогласувања и се враќаат средствата во делот на одржување на растот и поддршката, рече министерот Бесими.

При тоа наведе дека околу 11 милиони евра, кои беа одземени од Програмата за поддршка на развојот и поддршка на инвестициите сега се враќаат и во поголем износ од тоа. Дополнителни 2,4 милијарди денари има за гарантиран минимален приход, за подобрување на состојбата на тие што ќе бидат погодени и за автономни мерки кои ќе бидат вградени во системот. Исто така, и 3,2 милијарди денари во земјоделството.

Министерот потенцира дека новите мерки ќе бидат дефинирани по усвојување на ребалансот на Буџетот.

„Владин тим заедно ќе разговара со претставници на стопанските комори во делот на поддршка на стопанството и во делот на економско-социјалниот дијалог за категориите каде е најпотребна, рече министерот и појасни дека ќе се дефинираат домаќинства кои спаѓаат во категорија која не може го обезбеди потребниот трошок и на тие ќе им се помогне, како и тоа дека ќе се дизајнираат мерки така што дадените средства да се користат  за трошоци за енергија и храна, односно за надомест за зголемените трошоци за исхрана и енергија.  За поддршката во економијата, посочи, дека ќе се види ефектот од постојните мерки преку Развојната банка.

Со мерките, истакна министерот, продолжува поддршката на сите граѓани, со продолжената примена на намалената стапка на ДДВ за електричната енергија од 18 % на 5 % до крајот на годината, дополнително на тоа е и воведување на новиот тарифен систем за пресметка на цената на електричната енергија, како и со тоа што на регулираниот пазар, цената на електричната енергија во земјава е под пазарната цена.

Министерот во интервјуто потенцира дека проценките на сите меѓународни институции се дека кризата ќе трае и дека потребно е да се обезбеди доволно кондиција во буџетот за да се издржи оваа криза и распределбата и дистрибуцијата на ефектот од кризата да биде поранемномерно распределен на сите чинители. „Односно, како што посочи, „буџетот да ги издржи мерките мора да бидат потаргетиран и поефикасни, затоа што на крајот  тоа се пари на граѓаните, што се собрани преку даноци и не треба да се трошат на мерки што даваат помал ефект и на тие што немаат потреба за буџетски поддршка, во фаза кога средствата на финансиските пазари се скапи.

Во Буџетот, како што рече министерот,  има предвидено и поголеми износи за финанасирање, со цел да се остави простор да се обезбедат средствата со поповолни услови на меѓународните пазари и да се остави резерва за наредната година.

Дел од потребите ќе се финансираат на домашниот, а поголемиот дел на меѓународниот пазар, каде се опфатени и кредитите за кои имаме склучени договор. На пример 100 милиони евра за ЕСМ од ЕБОР, програмата со ММФ, други кредити од Светска банка, ИПА и други.