Италија е епицентар на корона вирусот во Европа. Земјата се соочува со голем број заболени, но и смртни случаи. Поради страв од ширење на вирусот, оваа земја, што инаку важи за магнет за туристи од целиот, бележи загуби.
Туристичките работници, особено во северниот дел на Италија, ги пресметуваат загубите, а се наведува дека хотелиерите ќе мора да поделат многу откази поради намалениот број на туристи.
Угостителите во Венеција, кои не се навикнати на тишина во нивниот град, решија на интересен начин да привлечат туристи и гости. Па така, угостителите од објектите на плоштадот Свети Марко ја организираат кампањата Uniti per Venezia. Преку нејзе, гостите ќе можат да добијат бесплатен аперитив за секоја нарачка, пренесуваат тамошните медиуми.
Акцијата, како што се наведува, ќе трае секој ден до крајот на март, меѓу 17 и 20 часот, за време на аперитив – италијански пијалак и закуска што се нуди пред вечера. Зад оваа акција застанаа познатите трговски објекти: Florian, Lavena, Quadri, Aurora, Chioggia и Al Todaro.