Бесплатни обуки за напредни ИТ вештини за невработени лица

28

1

Започна пријавувањето за бесплатни обуки наменети за сите невработени лица кои се заинтересирани за стекнување напредни вештини од областа на информатиката. Проектот е организиран како дел од активните мерки на Агенција за вработување на Македонија во соработка со Семос Едукација како спроведувач на обуките, стои во соопштението.

Кандидатите може да аплицираат за учество за еден од следните програмски пакети: Oracle – официјална обука за Java SE8 Programmer или ISTQB – официјална обука за тестери за квалитет на софтвер.

Единствени критериуми што треба да ги исполнат кандидатите е да имаат минимум завршено средно образование и да бидат евидентирани како невработени лица без разлика на нивната возраст. Заинтересираните ќе може да се пријавуваат во сите канцеларии во Агенција за вработување на Македонија, a огласот ќе биде отворен сè до целосно пополнување на предвидениот број на кандидати.

Целта на овие обуки е да им се овозможи на невработените да се мотивираат, преквалификуваат и активно да се вклучат во пазарот на трудот, а истовремено да совладаат ИТ вештини и знаења кои би им биле од голема корист при барање работа. Обуките ќе се спроведуваат во период од три до шест месеци, вклучувајќи настава со користење на официјална литература, подготовка на кандидати за сертификација и спроведување на испити за стекнување со меѓународно признаен сертификат.

Минатогодишните обуки, коишто се одржаа во период од мај до ноември, беа успешно спроведени за 220 невработени лица во рамки на проектот за поддршка за вработување на млади лица до 29 години. Со овие обуки многумина успеаја да се преквалификуваат и да постигнат поголема конкурентност на пазарот на трудот.

“Како дипломиран стоматолог имав потешкотии да најдам работа со достоинствени услови и плата. Од интензивната информативна кампања на АВРМ и Семос Едукација дознав за бесплатната обука за Java Programming. Решив, додека барам работа како стоматолог, за тоа време да научам нешто дополнително што е барано и вреднувано на пазарот на трудот. Откако се пријавив, набрзо бев контактиран од Семос Едукација и започнав со обука. Иако се сомневав дека ќе можам да ја завршам обуката бидејќи немав предзнаења од таа област, обучувачот и целиот тим од Семос како и од АВРМ беа голема поддршка и мотиватори за успешно да ја завршам обуката. Добив неколку понуди за работа од ИТ компании и сега работам како Java програмер”, изјави Бојан Петревски, дипломиран стоматолог, кој се стекна со квалификации од областа на програмирањето.

За разлика од претходните обуки, оваа година не постојат старосни ограничувања, односно ќе може да се пријавуваат сите заинтересирани кои ги исполнуваат критериумите, без разлика на нивната возраст.

Со овој проект Семос Едукација од 2010 година активно е вклучен како спроведувач на обуки за ИТ вештини со сертифицирани предавачи за изведување на предвидените обуки. Повеќе информации за јавниот повик, критериумите за избор, начинот на спроведување на обуките и постапката за аплицирање прочитајте на официјалната веб-страница на АВРМ http://www.avrm.gov.mk/oglasi-za-aktivni-merki.nspx.