БЕСТ Скопје го организира 15-от Летен Академски курс (ЛАК)

20

best

Од 1989, па се до денес, БЕСТ обезбедува можности за комуникација, соработка и размена на студентите ширум Европа. Во 33 земји со вкупно 95 локални БЕСТ групи, БЕСТ формира студентска мрежа која е константно растечка, добро организирана, моќна и иновативна. Секојдневниот напредок се должи на околу 4.800 студенти кои ентузијастички дејствуваат, а скоро еден милион студенти се опфатени од поттикнатите настани и иницијативи. БЕСТ на студентите им дава можност да го прошират своето знаење за теми кои го надополнуваат нивното образование преку организирање академски курсеви, инженерски натпревари, симпозиуми за едукација, тренинзи и културни размени. Од друга страна, БЕСТ исто така се стреми да го прошири пазарот на трудот преку саеми за вработување и кариера, работилници, воедно и водење на интернационален центар за кариера.

БЕСТ Скопје, во соработка со Teхнолошкo-металуршки факултет – Скопје, по 15-ти пат организира Меѓународен Летен Академски курс. Оваа година во фокусот на предавањата се полимери и керамика. Доаѓаат 25 учесници од цела Европа, кои ќе слушаат предавања од искусни професори од Teхнолошкo-металуршкиот факултет – Скопје и предавачи од врвни компании кои имаат поврзаност со темата, меѓу кои ce компаниите Микросам и Титан. Меѓународниот Летен Академски курс ќе се одржи од 28-ми јуни до 8-ми јули, а на крајот од настанот сите учесници ќе полагаат завршен испит кој доколку го положат, ќе добијат сертификат со признаени кредити според ЕКТС.

Едукативниот и културен карактер не е единствената цел на овој настан, има и културно значење поради разновидните традиции што ги носат самите учесници од различни земји. Преку организирање на бројни дневни и ноќни активности во Скопје, како и викенд патување во Охрид, учесниците имаат можност да се запознаат со културните, историските обичаи и знаменитостите на Македонија. Овој настан им овозможува на студентите да се запознаат и дружат со луѓе од цела Европа, нудејќи им шанса да го прошират и подобрат својот светоглед.