Биди паметен, избери претприемништво: Александар, Милан и тимот Win-Win

46

smart1

На 15 октомври на Економски факултет во Скопје, SWT Alumni Македонија ќе ја организира втората по ред Smart Up конференција, чија основна цел е да ги мотивира и да го поттикне претприемачкиот дух на младите во Македонија. На конференцијата, десет млади, успешни претприемачи кои беа дел од првата Start Up академија, во две минутна презентација ќе ги претстават своите бизнис идеи на кои работеа за време на првата Start Up Aкадемија.

Запознајте се со идеите на Александар Попоски, Милан Митковски и тимот Win-Win.

Александар Попоски – Lucid Works

aleksandarВработување е убав начин за да се стекнете со искуство и работни навики кои не се здобиваат со формалното образованиe. Од таа страна не би препорачал слепо впуштање во авантури, освен во случај кога дадената индивидуа која претендира да стане претприемач претходно убаво ги обмислила работите и ризиците и се чувствува спремно истите да ги поднесе. Значи претприемништво пред вработување да, но со претходно анализирање на ризиците, правење cost benefit анализа во која се земаат во предвид и времето, како и опортунитетниот торшок од таквите подвизи.

Повеќето од претприемачите кои ги познавам како оние кои претендираат да станат претприемачи (во Силиконската долина има термин за вториве, се нарекуваат wannapreneurs) се луѓе кои веќе работат или пак претходно работеле. Повеќето од нив имале сигурна работа додека ја развивале својата идеа. Кај нас дури сега почна да се развива култура на инкубирање и акцелерирање на стартапи, која доколку се развива во правилна насока, младите претприемачи би можеле да си дозволат да работат само на својата бизнис идеја, без притоа да мораат да работат и друга работа, но сметам дека се уште сме далеку од таа фаза. Во Сан Франциско, каде што живеев и работев околу шест месеци, постоеја бизнис инкубатори и акцелератори поврзани со мрежа на бизнис ангели и инвеститори. Барем еднаш неделно се случуваше некој настан или конференција за промовирање на нови бизнис идеи и решенија, кои пак беа инкорпорирани или пак финансирани од страна на бизнис /инвестициската заедница. Мислам дека треба уште време за да се развие оваа култура, но нејзиниот развој го чуствувам и како задача. На крајот од денот – постои една добра изрека позната во бизнис светот: Ако не работиш на остварување на своите соништа, некој ќе те најми да ги изработиш неговите. Според мене, нема ништо лошо во градење на туѓите соништа додека тоа ви носи искуство и ве обременува со знаењата и техниките како да ги изградите своите, но внимавајте по пат да не заборавите што вие сте сонувале.

Start Up академијата е една од работите која има огромен допринос во креирање на онаа претприемничка култура која предходно ја споменав. Организирана е од одлични млади професионалци со голем спектар на познавања и огромен ентузијазам, кои мене лично ми помогнаа во развивање на својата идеја и одиграа пресудна улога во моментите кога требаше да се решам дали воопшто да продолжам со нејзино реализирање. Запознав личности кои се соочуваа со исти проблеми и сомнежи што во тоа време ги поседував, но заедно преку обуките на академијата, преку менторските сесии и преку прекрасна дружба и разговор успеавме истите заедно да ги надминеме. Академијата ми помогна да се одлучам да го работам она што го сакам, ми помогна да сфатам дека не сум само јас кој наидува на проблеми, туку дека проблемите се дел од претприемништвото и дека уметноста на добар претприемач е постојано изнаоѓање подобро решение на истите.

Краток опис на идејата

Lucid Works или маркетинг апликација претставена преку аugumented reality или кај нас би се превело како подобрена реалност. Во принцип, ние ја подобруваме вашата реалност со тоа што на вашиот смартфон, таблет, или ако некој е толку модерен, па има и google glass, ви преставуваме слики или видеа, во интеракција со вас и околината во која се наоѓате. За да ви биде појасно, виртуелна реалност онаа познатата е кога се околу вас што гледате е креирано дигитално. Така наречената од нас – Подобрена реалност е кога гледате дигитални додатоци во вистинскиот свет околу вас.

Милан Митковски – Петгарден

milanДа се биде сам свој газда, да работам за себе и развојот на мојата креација/бизнис се основните мотиви заради кои јас го избрав претприемништвото. Претприемништвото не е ниту наука, ниту уметност. Тоа е пракса, рекол Питер Друкер. Токму во точноста на овој цитат се уверив на Start up Академијата. Одејќи од семинар на семинар, извршувајќи ги редовните обврски и задачи, мониториран од нашите искусни ментори кои буквално беа со нас низ целиот процес, се повеќе оснознавав нови погледи, се повеќе бев уверен дека претприемништвото и основањето на мој сопствен бизнис се она што јас навистина сакам да го правам во животот. Покрај практични знаења раскажани од прва рака од страна на едни од најуспешните претприемачи во Македонија, на академијата запознав и голем број на идни претприемачи со кои споделувавме идеи, знаења и минати искуства работејќи на разните бизнис симулации кои ги вршевме во текот на предавањата. Академијата е место каде научив многу базични знаења потребни за водење на бизнис, од кои мене како економист посебно ми значеа деловите посветени на правото и законската регулатива која е потребно да се исполни за водење на еден бизнис.

На младите во Македонија би им препорачал да ја посетат Start up академијата и да си го трасираат својот пат кон реализација на еден сон кој се вика сопствен бизнис. Бидејќи во модерниот свет бесполезно е да сте креативен и оригинален, доколку не умеете да ја продадете својата креација.

Краток опис на идејата

Kомпанија која ќе овозможи целосна услуга и грижа за животните, пружајќи одлична услуга и квалитетна нега на домашните миленичиња. Петгарден за потребите на клиентите во насока на обезбедување на што поголемо задоволство и пружена услуга на домашните миленичиња ќе обезбедува сет на услуги кои ќе вклучуваат: прекуноќна грижа за миленичињата; место каде нашите вработени или клиентите сами ќе можат да го исчистат миленичето со адекватни хемиски препарати кои не се штетни за самото животно; советодавни услуги во одгледувањето на миленичето и водење на клиентот низ процесот на вакцинација и превентивна заштита; четкање со адекватни четки кои не го повредуваат животното; професионални фотографии со миленичињата; 24 часовна услуга; организирање на роденденски прослави за миленичињата и сето тоа на едно место по пристапни цени.

Win-Win

win win

Низ бројните семинари, состаноци и неформални дружби за време на Start Up Академијата дојде до оформување на тим коj со нивна заедничка идеја се натпреварува на меѓународен натпревар за иновативни идеи на кој имаше повеќе од 1.000 учесници. Овој тим е еден од шеесетте победници на овој натпревар. Тимот се состои од осум млади ентузијасти со различна едукативна и професионална позадина од областа на freelancing – от, интернет маркетингот, односи со јавност, економија, право, проектен менаџмент.

„Одржуваме бројни контакти со владини, невладин и корпоративен сектор. Сите имаме национално и интернационално работно искуство и во целост сме посветени во реализацијата и одржливост на платформата. Нашата визија е да допринесе за развој на општеството. Платформата ќе обезбеди посредништво меѓу лица кои имаат потреба од завршување на проект  или привремена работа за краток период. Оваа платформа ќе овозможи пазарот на работна сила да се апсорбира, да се користи за интелектуални потреби и оние луѓе кои што имаат работа или немаат можат да ги искористат своите вештини и знаења кои ги стекнале во текот на свој живот. Pреку нашата платформа како канал за поврзување, да ги капитализираат, а со тоа и да станат конкурентни на пазарот за да не опаѓа нивната интелектуална активност“, вели Тамара Смилеска, една од коосновачите на Win-Win.