Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи се обрати на отворањето на МЕФ Енергетскиот форум 2023 година, на кој денес и утре во Скопје, голем број на високи владини претставници од земјата и регионот, амбасадори, претставници од меѓународни организации и фондации. ќе дискутираат на темата „Подобрување на триаголникот ‘Политики – Финансиска – Енергетска технологија’ за енергетска отпорност и зелена транзиција”.
Според податоците на Меѓународната агенција за обновливи извори на енергија, минатата година во светот е остварен историски рекорд во инсталирањето на капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, кој изнесува 295 GW (гигавати), што претставува 83 отсто од вкупните инвестиции во производство на електрична енергија. Пред економијата се портретира иднина во која изворот на виталната енергија од фосилните горива се поместува кон ветрот, сонцето и водата. Оваа трансформација ќе вклучи и креирање на нови зелени и високо продуктивни работни места, кои според проекциите за 2030 година велат дека во овој сектор ќе бидат отворени 38 милиони работни места, а во 2050 година овој број ќе се зголеми на 50 милиони, истакна Битиќи.
Развивањето на пазарите, за да можат да ги следат промените, е можно само преку креирање на овозможувачка и поттикнувачка средина. Нашата држава е лидер во регионот со донесените и веќе имплементирани закони и подзаконски акти, кои се целосно усогласени со Европската енергетска заедница, со кои е овозможена либерализација на енергетскиот пазар, рече тој.
Во однос на производство на базна електрична енергија, при крај е процесот на евалуација на понудите за изградба на најголемиот извор од хидро капацитетите за проектот „Чебрен”, со проценета вредност на инвестиции од милијарда евра и предвиден капацитет на производство на базна енергија од 300 – 330MW.
Истовремено, со зголемен интензитет растат јавните и приватни инвестиции во обновливи извори на енергија. Во последните две години во државата има инсталирано и ставено на мрежа повеќе од 207MW фотоволтаични централи. Дополнително на ова, нашите политики привлекоа приватни инвестиции од повеќе од милијарда евра, кои во наредниот период ќе изградат капацитет од над 1GW.
Регионалната конкурентност и поврзаност се клучни за развој на регионот, во поширока смисла на зборот. Во оваа насока покрај засилените инвестиции во патната инфраструктура, во последните пет години, засилено се работи и на енергетско поврзување, преку изградба на интерконекторот со Албанија со кој ќе се комплетира Коридорот 8 за пренос на електрична енергија Исток – Запад, помеѓу Бугарија, Северна Македонија, Албанија и Италија.
Дополнително, државата будно ги следи трендовите во изградба на фотоволтаични централи, кои земаат голем замав не само во нашата земја туку и во соседството, и нашиот систем оператор МЕПСО работи на зголемување и на капацитетот на пренос на електрична енергија по Коридорот 10, преку зголемување на капацитетот на интерконекторот Битола – Лерин, кој треба да биде удвоен во наредните неколку години.
Владата на Република Северна Македонија работи и на диверзификација на снабдувањето со природен гас, преку градење на интерконектор со Грција. Преку кој ние ќе обезбедиме гас за идните генерации. Тоа за нас значи дека нема да бидеме зависни само од руски гас кој доаѓа преку интерконекторот со Бугарија, туку за нас ќе е достапен и гасот од ЛНГ терминалот во Александруполи.
Регионалната поврзаност се случува и во насока на изградба на интерконектори за гас и со останатите соседи, што покрај диверзификација, за нашата земја ќе значат дека сме на енергетската карта, поставени како хаб на Балканот, нагласи во своето обраќање Битиќи.