Биткоинот на Tesla ѝ носи милијарда долари

23

Американскиот производител на електрични возила, Tesla оствари околу милијарда долари добивка од инвестирање во биткоини, вели аналитичарот Дениел Ив.

Компанијата е на “пат од инвестирање во биткоин да заработи повеќе од продажба на своите електрични возила за цела година“, оценува Ив, пренесува CNBC.

На почетокот на овој месец, Tesla купи биткоини во вредност од 1,5 милијарди долари заради “флексибилно диверзифицирање и максимизирање на повратот од готовински средства“.

Најголемата светска дигитална валута оваа година има огромен раст, постојано рушејќи рекорди во достигнување нова вредност.

Според податоците на CoinDesk, цената на оваа криптовалута на 31-ви јануари била 34.793,45 долари, а на 20-ти февруари 57.487,02 долари. Тоа е раст од околу 65%, што значи дека добивката на Tesla од инвестирање на 1,5 милијарди долари во биткоини во тој временски период изнесувала 975 милиони долари, а бидејќи валутата е во постојан пораст, профитот на Tesla би надмина милијарда долари.

Фото: Pexels