Битола Старт-Ап Центар локално ќе креира и спроведува мерки за вработување

141

Проектот Битола Старт-Ап Центар како локално партнерство за вработување кое вклучува соработка на јавни институции, академија, приватен сектор и невладини организации со своите капацитети ќе креираат и спроведуваат мерки за вработување на локално ниво. Локалното партнерство за вработување се појавува точно во клучен момент кога на Битола и е потребно раздвижување на економијата и поттикнување на можностите за вработување.

Битола Старт-ап центар е првото локално партнерство за вработување кое се спроведува во рамките на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, со финансиска поддршка од Европска Унија. Општина Битола е единствена општина, избрана помеѓу 12 апликации од различни општини, која го имплементира овој пилот проект во Република Северна Македонија.

Проектот предвидува опремување на простор во Факултетот за информатички и комуникациски технологии (ФИКТ) каде што ќе биде сместен Старт ап Центарот и реализација низа активности кои ќе поттикнат можности за вработување и ќе создадат нови работни места:

–  Стартап програма која ќе обезбеди менторски услуги за развој на бизнис идеи и финансиска поддршка за започнување на бизнис

– Саем на кариера кој што ќе овозможи поврзување на  компаниите со барателите на работа

– Програма за развој на ИТ вештини понуди обуки за практични ИТ вештини за директно вработување во ИТ секторот

“Да се биде претприемач не било никогаш лесно, но најголемите приказни на успехот започнуваат таму каде што започнува одлуката, а завршува стравот од неуспех.
БИТОЛА СТАРТ-АП ЦЕНТАР е местото кое ќе понуди знаење преку обуки за сите аспекти на започнување на вашата бизнис приказна, ќе понуди ресурси, вклучително и финансиски за да ги надминете првите пречки и ќе понуди вмрежување за полесно да се етаблирате во новото деловно опкружение и да излезете подготвени и на пазарот соочени со конкуренти и на пазарот на труд каде можете да го запознаете вашиот потенцијален вработувач“, изјави Емилија Костурски-заменичка градоначалничка во Општина Битола, главен партнер во овој проект.

Освен Општина Битола, партнери во проектот се Младински културен центар-Битола, Фондацијата за одржлив економски развој ПРЕДА плус, Техничкото училиште Ѓорѓи Наумов, Регионална Комора Битола, Агенција за вработување Битола, Интерворкс Едукативен Центар – Битола и Универзитетот “Св. Климент Охридски.

“Целта на партнерствата е креирање на повеќе и подобри работни места, а уште повеќе добива на значење во услови на кризата предизвикана од Ковид-19 која што значително го погоди пазарот на трудот,” истакна Наташа Симјановска, проектен координатор на Меѓународната организација на трудот со седиште во Скопје.

На денешната презентација на проектот, секој од својата експертиза се обратија пред присутните претставниците на сите партнерски организации.

“Преда плус во изминатите години реализира две стартап програми во Битола “И од Битола се може(и)” и според нашите досегашни искуства можеме да кажеме дека битолчани имаат иновативни идеи и потребна им е поддршка за реализација на истите.
Поради тоа, денес под капата на зедничката иницијатива, Битола Старт-ап центар најавуваме уште еден отворен повик  за аплицирање со бизнис идеи во стартап програмата “И од Битола се може(и)” кој ќе биде отворен до 14 октомври оваа година. Сите заитересирани битолчани кои имаат бизнис идеја да се вклучат во програмата со полнување на on line формулар на следниот линк: https://iodbitolasemoze.typeform.com/to/Ghh9wO Предвидена е финансиска поддршка на најдобрите сатартап идеи во со вкупен фонд од 1.500.000 денари“, истакна Лидија Ангелкова- проектна координаторка на Преда Плус.

Наскоро ќе биде отворен јавен повик за вклучување  во програма за Развој на ИТ вештини која ќе обезбеди едуцирани и спремни лица кои ќе се вработат во ИТ секторот. Програмата ќе ја реализира Едукативен центар ИНТЕРВОРКС Битола.

“Во рамките на оваа програма МКЦ – Битола ќе го реализира Саемот за кариера кој претставува поврзување на бизнис заедницата со млади невработени лица. Другиот аспект на овој настан е мотивирање на младите да останат во РСМ, да започнат свој сопствен бизнис и/или да се вклучат во едукативни програми и да работат на сопствениот кариерен раст и развој, додаде Маја Ангеловска, програмска менаџерка во МКЦ – Битола.

Локалното партнерство за вработување, Старт-ап центар Битола, претставува обединување на сите потенцијали и капацитети на градот во насока на намалување на невработеноста и зголемување на капацитетите на невработените лица.

Локални партнерства за вработување (ЛПВ) финансиран од  проектот “Зајакнување на социјалниот дијалог”, кој го спроведува Меѓународната организација на трудот, со финансиска поддршка од Европската Унија.