Битола Старт-ап Центар, место каде што идејата станува бизнис

227

ПРЕДА плус фондацијата од Битола, заедно во локално партнерство за вработување  под проектот со име Битола Старт-Ап Центар кое вклучува соработка на јавни институции, универзитет, приватен сектор и невладини организации го објави својот отворен повик за аплицирање, кој на нозе ќе исправи многу идеи кои ќе станат реални бизнис во Битола. За прв пат во овој регион, најавена е и финансиска поддршка за најдобрите старт-ап идеи.

“Локалното партнерство за вработување се појавува точно во клучен момент кога на Битола и е потребно раздвижување на економијата и поттикнување на можностите за вработување. Во ситуација во која што се наоѓаме, соочени со сите предизвици предизвикани од Ковид 19, оваа заедничка иницијатива е уште позначајна бидејќи вклучува соработка на јавни институции, приватен сектор и невладини организации и покажува волја и соработка на локално ниво за решавање на клучни прашања“, изјави Лидија Ангелкова, проектна координаторка на ПРЕДА плус.

Преда плус во изминатите години реализира две старт-ап програми во Битола “И од Битола се може(и)” при што се  креираа вкупно 25 бизнис идеи од кои 5 старт-апи лансираа бизниси, 2  веќе користат други финансиски инструменти за поддршка и развој, 1 старт-ап направи платформа на која до денес се имаат истргувано над 7 милиони долари, а 5 учесници од нивните програми започнаа корпоративна кариера во други компании.

“Овие резултати ни даваат мотив да ја продолжиме нашата досегашна работа и да продолжиме да им овозможуваме на битолчани своите иновативни бизнис идеи да ги претворат во реални бизнис модели“, додаде таа.

Под капата на заедничката иницијатива, Битола старт-ап започнат е уште еден отворен повик  за аплицирање со бизнис идеи во стартап програмата “И од Битола се може(и)”  кој ќе биде отворен до 14 октомври 2020.

Сите заинтересирани битолчани кои имаат бизнис идеја да се вклучат во програмата со пополнување на онлајн формулар на https://iodbitolasemoze.typeform.com/to/Ghh9wO

Програмата на Преда плус за сите учесници ќе овозможи пристап до еминентни професионалци од македонскиот старт-ап екосистем кои ќе им помогнат да ги претворат нивните идеи во бизнис решенија. Исто така, сите учесници ќе имаат можност за вмрежување со бизнис заедницата и презентација на бизнис идеите пред потенцијални инвеститори.

“Новина во оваа програма е што за прв во нашиот регион, најдобрите стартап идеи ќе добијат финансиска поддршка за стартување на своите бизниси.  Вкупната вредност на финансиската поддршка што ќе биде распределена на најдобрите бизнис идеи изнесува околу 1,5 милион денари и ќе се реализира преку две грантови шеми на Битола Стартап Центар“, изјави Ангелкова.

Битола Старт-ап центар е првото локално партнерство за вработување кое се спроведува во рамките на проектот на Меѓународната организација на трудот, Зајакнување на социјалниот дијалог, со финансиска поддршка од Европска Унија. Општина Битола е единствена општина, избрана помеѓу 12 апликации од различни општини, која го имплементира овој пилот проект во Република Северна Македонија.