Бизнис бонтон: Правила за убаво однесување во деловниот свет (1)

1000

Светот се менува, што претставува и нормален процес, а задача на сите е да се прилогодуваме и да ги прифаќаме промените. Но, постојат и такви сегменти коишто никогаш не се менуваат, туку остануваат да важат бидејќи се засноваат на вистински вредности. Доколку сте дел од бизнис светот, тогаш овие бонтон правила ќе ви помогнат како добро да се однесувате со колегите, претпоставените, вработените, бизнис партнери и соработници од земјава или од светот.

Има правила што не треба да се прекршат

Иако една девиза вели дека правилата постојат за да се прекршат, во бизнис етиката постојат такви правила што не треба да се прекршат. Тоа не значи дека треба да се работи во ригидни услови, напротив флексибилноста се цени повеќе од кога било, но постојат работи што не е долично да се прекршуваат или изобличуваат.

Обрнете внимание на имињата

Името е првата информација што ја добиваме за некој кој за прв пат го среќаваме. Никогаш не им се обраќајте на колегите или соработниците со скратено име, освен доколку не ви дадат до знаење дека сакаат некој да ги условува со скратено име или прекар.

Бидете учтиви и поздравувајте

Од елементарната култура на секого произлегува непишаното правило да поздравува оној што влегува во канцеларијата, просторијата, состанокот… Едно “добро утро“ или “како сте“ упатено до колегите или соработниците на состанок нема да ве чини многу, а ќе оставите впечаток дека сте учтиви и се грижите за другите.

Контакт очи в очи

Постојат некои земји во коишто ракувањето се смета за срамен чин, но постојат и такви во кои се верува дека ракувањето е знак за пријателски поздрав и доверба. Контактот, пак, очи в очи покажува дека имате доверба во себе, во она што го зборувате и не се плашите од соговорникот кој е пред вас. Се верува дека луѓето кои го избегнуваат овој контакт имаат проблем со самодовербата, оставаат впечаток дека нешто кријат, не се искрени или имаат задни намери.

Внимателно слушајте и сослушајте

Кога некој зборува, вие треба да бидете учтиви, да не упаѓате во сред реченица, но и да покажете дека заинтересирано го слушате. Внимателно потврдувајте со кимнување на главата или со блага насмевка. Така ќе го охрабрите соговорникот да се искаже и да нема трема, ова особено важи за помлади и понеискусни колеги кои, на пример, треба да го претстават проектот на којшто вредно работеле пред потенцијалните инвеститори.

Бидете љубезни во комуникацијата

Колку и да чувствувате дека не ви е денот, сепак никој од страна не е должен да го толерира вашиот излив на бес. Затоа, бидете љубезни во комуникацијата не само со соработниците, што ги гледате еднаш месечно, туку и со колегите со кои поминувате долго време заедно на работа. Љубезноста не значи да бидете лицемерни кон сите, туку да покажете зрелост, емпатија и трпение во комуникацијата.

(продолжува...)

Фото: Pixabay