Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате бизнис партнери од Сингапур

227

Доколку планирате да соработувате со бизнис партнери од Сингапур, треба да бидете подготвени за богато културно искуство, пишува блогот Globig.

Воспоставувањето на професионална бизнис мрежа е еден од најважните елементи за водење бизнис во Сингапур. На тој начин се остваруваат контакти и соработка меѓу колеги и потенцијални бизнис партнери. Состаноци, средби, работилници, обуки и деловни вечери се популарен начин за градење нетворкинг во Сингапур.

Кога станува збор за состаноците, бизнисмените во Сингапур посебно внимание обрнуваат на точноста. Ако се најдете во ситуација кога не знаете како да изреагирате, најдобро е да следите што прават најстарите претставници на средбата. Бидете внимателни при поздравувањето, особено ако има жени на состанокот, бидејќи тие не практикуваат ракување како поздрав. Тоа ќе го препознаете кога ќе ве поздрават со споени дланки поставени на градите.

Бизнисмените од Сингапур сакаат да преговараат, но не на гласен и агресивен начин. Напротив, сакаат процесот на преговарање да тече полека и да се развива чекор по чекор. Важно е да не го губите трпението кога треба да ги договарате и најситните детали.

Важат за луѓе кои не се големи приврзаници на директниот начин на изразување. Ќе бидат учтиви, исто како Британците, па наместо директно да ве одбијат, тие ќе користат фрази од типот на “Не сум баш сигурен“ или “Ќе видиме“ што во превод значи “не“.

Кога треба да изберете облека за средба со бизнис партнери од Сингапур, треба да имате предвид дека претпочитаат не толку строг бизнис изглед. Сепак, за на состаноците се препорачува мажите да носат кошули со долги ракави и вратоврски, а во зависност од пригодата се препорачува носење на сако, иако надвор температурите се прилично високи.  Кај жените, тие можат да носат блузи со долги ракави и здолништа до колена или долги. Важно е да изгледате уредно и професионално.

Фото: Pexels