Бизнис бонтон: Што (не)смеете да правите ако имате бизнис партнери од Словенија

59

Словенците важат за доверливи партнери кои се образовани, искусни и подготвени за соработка. Кога станува збор за водење бизнис со нив, тие претпочитаат да имате искрени намери кон нив и да бидете подготвени да соработувате на долг рок.

Ја ценат точноста, па затоа на состаноците доаѓаат во предвиденото време и не сакаат кога нивните соработници доцнат. За нив доцнењето е знак за непочитување и незаинтересираност за темите за коишто ќе треба да стане збор на состанокот.

Словенците важат за бизнисмени кои ја почитуваат личната комуникација, го остваруваат контактот очи в очи и поздравуваат со рака. Исто така, големо внимание обрнуваат на невербалната комуникација, бидејќи според нив, таа е одраз на внатрешната состојба на соговорникот.

Иако припаѓаат на регионот од поранешна Југославија, нивниот начин на водење бизнис и соработка повеќе наликува на оние во Германија и Австрија.

Доколку соработуваат со бизнис партнери од други земји, за Словенците не претставува проблем бидејќи најголемиот дел од нив се служат со англиски, но и италијански и германски јазик.

Доколку треба да се преговара со бизнис партнери од Словенија, тие сакаат детално анализирање на сите важни елементи од договорот. Па затоа, важно е да им дадете детален преглед и објаснување сите важни активности и деловни потфати. Деловната комуникација ја започнуваат со градење на непосреден канал на комуникација што им помага полесно да ги запознаат новите соработници и на основа на тоа да ја продлабочат соработката.

И во Словенија важат правилата за формален дрес код, што подразбира облека што е пристојна и во неутрални нијанси, а во согласност со етиката што важи во бизнис светот.

Фото: Pexels