Бизнис директориум – алатка за зајакнување на соработката со странските инвеститори

68

Советот на странски инвеститори при Стопанската комора на Македонија креираше Бизнис директориум како алатка за зајакнување на соработката меѓу домашните компании и странските инвеститори во земјава, пишува Миа.

Како што рече денеска претседателот на Советот Хуан Педро Наваро, Директориумот претставува интегрирана база на податоци за македонските претпријатија, групирани по големина, профил, дејности, број на вработени, остварена добивка, преку кој, заинтересираните инвеститори можат едноставно и брзо, во секое време, да најдат фирма која одговара на нивните потреби. Целта на овој Директориум е да се олесни соработката.

“Македонските компании имаат капацитет и знаење и исполнуваат критериуми за релевантни партнери на странските инвеститори. Ги охрабруваме да го понудат она што можат“, нагласи Наваро.

Тој смета дека неопходно е време за стекнување доверба меѓу компаниите. Тоа е еден од условите за воспоставување соработка. Но, инвеститорите што се подолго во Македонија, можат своите искуства со локалните фирми да им ги пренесат на другите, поскоро дојдени или што размислуваат да дојдат.

“Нашата задача е да им покажаме на новите инвеститори дека соработката е безбедна, но и да ја зголемиме довербата во локалните фирми, да им кажеме дека можат да задоволат одредени стандарди и да ги понудат своите услуги“, посочи претседателот на Советот.

Соработката на локално ниво, додаде, не е само желба, туку е и потреба зашто за инвеститорите значи пониски трошоци, а за локалните бизниси размена на технологија, стекнување нови искуства, знаења и вештини.