Бизнис идеја на тинејџерка ги освои инвеститорите

153

Shark Tank е хит емисија којашто се прикажува на американскиот канал АВС, каде луѓето доаѓаат и ги презентираат своите идеи и производи пред докажани бизнисмени, со надеж дека тие ќе инвестираат во нивната идеја.

Концептот на емисијата е таков што од една страна има пет инвеститори, а од другата претприемачи кои ги претставуваат своите проекти и бараат инвестиција.

Тринаесетгодишната Софи Овертон ја претстави пред инвеститорите својата компанија Wise Pocket Products, којашто произведува чорапи со џебови. Меѓутоа, Софи не застанува тука, освен чорапи таа работи на нов производ – хеланки со џебови за телефони и други уреди.

“Го започнав овој проект кога имав 11 години. Видов мој роднина како го става телефонот во чизма, тоа го пробав и јас, но не беше воопшто пријатно. Ги прашав и децата од моето училиште дали и тие го имаат овој проблем и излезе дека и тие се соочуваат со истиот проблем. Тогаш го смислив својот прототип. Го исеков врвот од чорапите и го зашив на друга чорапа“, објасни Овертон пред инвеститорите во емисијата која ја гледа од својата шеста година.

Таа ги импресионирала инвеститорите пред сè со начинот на којшто ја финансира својата работа.

“Штедам сè што ќе заработам. Вложив 10.000 долари свои пари. Заштедив 5.000 долари и собрав уште 5.000 долари“, рече Овертон.

Инвеститорот Марк Кубан посочи дека таа е совршен пример за тоа како едно дете треба да работи.

“Си добила идеја, заштедила пари, сите прототипови ги направи сама, па реални производи, потоа ги продаде тие производи – производи во вредност од 16.000 долари“, рече Кубан.

Иако цената за изработка на чорапи  е висока и изнесува 5,47 долари, инвеститорите и понатаму биле заинтересирани.

Лори Греинер и Дајмонд Џон ѝ понудиле на Овертон 30.000 долари за 33,3% удел во бизнисот. Таа се спротивставила барајќи од нив двајца 35.000 долари за 25% удел, а тие тоа го прифатиле.

Фото: Instagram