Бизнис можностите на Македонија претставени во Милвоки

15

На бизнис форумот одржан во Милвоки, каде беа претставени инвестициските можности во Македонија, две компании изразиле интерес за посета на државава и подетално запознавање со можностите за инвестирање.

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски и владината економска делегација се сретнале и со врвниот менаџерски тим на компанија од металната индустрија со седиште во Милвоки и посетиле дел од производствените капацитети на компанијата.

Македонската делегација разговарала со централата на компанијата Џонсон контролс, која е присутна со инвестиции во две фабрики во Македонија, за можностите за дополнителни инвестициски проекти во блиска иднина, согласно потребите за поконкурентна дестинација во Европа за дел од производството на компанијата.

Во рамки на форумот за инвестициските можности во Македонија, директорот на Џонсон Контролс го  презентирал нивното позитивното искуство во Македонија. Од компанијата изразиле задоволство од успешноста на нивните две фабрики во државава и искажале благодарност до македонската Влада за одличната поддршка во фазата на реализација на нивните проекти.

Бизнис форумумот за инвестициските можности во Македонија, што се одржа во соработка со стопанската комора на поширокиот регион на Милвоки, заврши со средба на вицепремиерот Пешевски со градоначалникот Том Барет.

Минатата недела се одржаа бизнис форуми и средби со компании во Кливленд и Индианаполис. Во владината делегација покрај вицепремиерот Пешевски се и министерот за странски инвестиции, Бил Павлески, директорот на ДТИРЗ, Виктор Мизо, амбасадорот на Македонија во САД, Зоран Јолевски и економскиот промотор, Дејан Величков.