Бизнис заедницата и надлежните ќе ги разгледуваат можностите за подобрување на законската регулатива

43

Стопанската комора на Македонија заедно со Народната банка, Цринската управа, Министерството за финансии, Агенцијата за супервизија на осигурувањето и Агенцијата за вработување на Конференција во Струга ќе ги разгледуваат можностите за подобрување на законската регулатива со цел забрзување на економскиот развој, јавува Миа.

“Регулативата која е во последно време донесена е особено значајна. Има голем број новини што треба да се продискутираат и разговараат со цел да се создадеефикасна регулатива која ќе биде во функција на забрзување на економскиот раст“, рече денеска Елена Милевска Штрбевска, оперативен директор на Стопанската комора на Македонија.

Ќе се дискутира новиот закон за финансиска дисциплина, законот за задолжница, постапките на граничните премини и царинското работење и слично.

Претседателот на Советот за едукација и развој на човечки ресурси при Стопанската комора на Македонија Костадин Дуковски оцени дека законската регулатива во моментов во Македонија е добра, иако посочи дека идеален закон нема и оти тоа се рамки и врз основа на анализи доколку има потреба се прават измени.

На конференцијата според него ќе произлезат многу теми од кои потоа ќе треба да се направат измени на законската регулатива.

Позитивно го оцени Законот за финансиска дисциплина кој, според него, превентивно дејствува и ги регулира неплаќачите, како и новите измени на Законот за прекршоци кој смета ќе биде попозитивен за компаниите од сегашната регулатива.

Ќе стане збор и за сегментот на осигурителните компании, измените во јавните набавки, како и за платните системи.

Емилија Нацевска од Народната банка на Република Македонија рече дека современ, модерен и ефикасен платен систем може да придонесе кон поголема прифатеност на безготовинските плаќања. Истакна дека со канализирање на готовината која циркулира надвор од банкарскиот систем таа ќе се стави во функција на натамошен економски раст.

Конференцијата што ја организира Стопанската комора на Македонија ќе се одржи од 13 до 15 ноември во Струга. Од Комората најавија дека таа ќе стане традиционална.