Бизнисите нема да чекаат, побрзо ќе ги зголемат цените поради кризата со Иран, вели шефицата на ЕЦБ

Шефицата на Европската централна банка (ЕЦБ), Кристин Лагард, изјави дека компаниите би можеле многу побрзо да ги зголемат цените како одговор на нафтениот шок предизвикан од војната во Иран, поради горчливите сеќавања на инфлаторниот бран што ја погоди Европа по руската инвазија на Украина во 2022 година.

Доколку порастот на цените на нафтата и гасот продолжи, „одговорот на компаниите и работниците би можел да биде побрз од минатиот пат“, изјави Кристин Лагард во среда за време на конференцијата во Франкфурт, пренесува АП.

Таа нагласи дека сега имаме посвежо сеќавање на високата инфлација, што може да влијае на брзината со која трошоците се пренесуваат на потрошувачите и со која работниците бараат надомест преку повисоки плати.

Иако ЕЦБ успеа да го ограничи инфлацискиот врв во 2022 година со серија зголемувања на каматните стапки, Лагард признава дека „тоа искуство остави свој белег“. Според неа, цела генерација сега ја доживеа својата прва епизода на висока инфлација и можеби нема да биде бавна во реакцијата и вториот пат.

Инфлацијата во земјите што го користат еврото достигна врв од 10,6 проценти во октомври 2022 година, откако инвазијата ги прекина испораките на руски природен гас.

Новиот шок беше предизвикан од блокадата на Ормутскиот теснец од страна на Иран на почетокот на март, што ја катапултираше цената на суровата нафта Брент од под 80 на над 100 американски долари за барел, додека цените на гасот во Европа се удвоија за помалку од еден месец.

Лагард истакна дека монетарната политика не може директно да ги намали цените на нафтата и дека централните банки, по правило, ги игнорираат транзиторните енергетски шокови без да ги зголемат каматните стапки. Таквиот потег има смисла само ако повисоките цени на енергијата почнат да се инкорпорираат во цените на другите стоки и во платите на работниците, создавајќи опасна ценовна спирала.

„Ако енергетскиот шок се оцени како ограничен и краткотраен, треба да се примени класичниот пристап и едноставно да се игнорира“, објасни таа, додавајќи дека до моментот кога зголемувањето на стапките ќе стапи на сила по неколку месеци, инфлацискиот скок можеби веќе поминал.