Бизнисот ќе бара разговор со Владата за рецесијата

20

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески вчера изрази задоволство што Владата во овие тешки моменти покажала дека стои крај домашните компании. Дали ќе продолжи падот на БДП, според него, зависи од европскиот пазар. СКМ е охрабрена од неодамнешните владини мерки за поддршка на металуршкиот сектор.

„На таков начин покажа оти ќе биде како Влада покрај македонските компании во најтешките моменти кои ни претстојат, и доколку дојде до сериозно нарушување и во други сектори, ќе помогне. Тоа за нас е значаен индикатор за да ги охрабриме фирмите да продолжат со своите активности, бидејќи само тоа е начинот да ги задржиме вработените и да ја одржиме економската активност“, рече Азески.

Тој вчера ги посети компаниите Виталија, Реплек и Дуропак, најавувајќи дека со нивните менаџери и со раководставта на други фирми ќе разговара за мерките што би помогнале во услови на рецесија.

„Тоа веројатно ќе се однесува на прашањето за отворање нови пазари кои се надвор од ЕУ, во  земјите каде се уште не завладеала кризата, како и за подобрување на ликвидноста. Имаме низа предлози кои ќе се актуелизираат во наредниот период“, наведе Азески. За проценките на комората за до крајот на годината, тој нагласува оти досега немаат најава за сериозни нарушувања во определени сектори.

„Мислиме дека во металургијата овие мерки ќе придонесат да се стабилизира ситуацијата, но најголемиот индикатор ќе биде состојбата на европскиот пазар. Ако тој не може до крајот на годината да повлече нови нарачки од македонските компании, тогаш таквите негативни тенденции ќе продолжат. Значи, треба да бидеме најмногу свртени кон подобрување на конкурентноста и квалитетот на домашните производи што одат таму, бидејќи на западните пазари оди 60% од нашиот извоз“, изјави Азески.