Благ пад на цената на нафтата на меѓународните берзи

51

Цената на нафтата се искачи над 100 долари во вторник, во пресрет на состанокот на Организацијата на земји извознички на нафта и сојузници (OPEC+). Сепак, денеска на почетокот на тргувањето се бележи благ пад.

Цената на барел нафта на лондонскиот пазар моментално е 99,78 долари. На американскиот пазар со барелот се тргува по цена од 93,65 долари, објави веб-страницата OilPrice.

Денеска ќе се одржи состанокот на ОПЕК + во кој е и Русија. Од осумте извори, два наведуваат дека ќе се разговара за скромно зголемување на производството, а другите тврдат дека зголемување е малку веројатно, пишува агенцијата Мина, повикувајќи се на SEEbiz.

„Овој пат неизвесноста е многу поголема. Одлуката за оваа недела ќе покаже колку групата сè уште е обединета“, рече брокерскиот аналитичар на OANDA, Крег Ерлам.

Дополнителна загриженост на пазарот предизвикува посетата на претседателката на Претставничкиот дом на Конгресот на САД, Ненси Пелоси, на Тајван, со можна ескалација на тензиите меѓу Соединетите Американски Држави и Кина.