Благ раст на бројот на ноќевања во ЕУ во вториот квартал годинава

Во вториот квартал од 2024 година имало 780,1 милиони ноќевања во туристичко сместување низ Европската унија, што е благ пораст од 0,2 отсто во споредба со истиот квартал во 2023 година.

Во април се регистрирани 193,6 милиони ноќевања (-8,7 отсто во однос на април 2023 година), во мај 272,1 милиони (7,9 отсто) и во јуни 314,5 милиони (-0,1 отсто), додека, треба да се има предвид дека Велигден падна во Март 2024 година, додека во 2023 година тој празник беше во април, известува Евростат на Светскиот ден на туризмот.

Странските посетители (нерезиденти на земјата, ЕУ и не-ЕУ) учествуваат со приближно половина (49 проценти) од сите ноќевања во вториот квартал од 2024 година, со големи разлики меѓу земјите на ЕУ.

Најголем удел на ноќевања на странци на почетокот на годината е забележан во Кипар (94,8 отсто), Малта (94,7 отсто) и Хрватска (91 отсто).

Спротивно на тоа, странските гости сочинуваат помалку од една петтина од ноќевањата во Полска (18,2 отсто), Германија (18,7) и Романија (19,6 отсто).

Зголемувањето на ноќевањата на странските посетители во вториот квартал од 2024 година (3,1 отсто во однос на вториот квартал од 2023 година) е многу поизразено од намалувањето на ноќевањата на домашните туристи (-2,5 отсто).

Најголем раст на ноќевањата на странските посетители е забележан во Луксембург (23,8 отсто), Малта (13,3 отсто) и Романија (10,5 отсто). На другиот крај од опсегот, најголем пад забележаа Холандија (-5,7 отсто), Австрија (-4,3) и Белгија (-1,9 отсто).