
Руските средства блокирани поради санкциите се проценуваат на 280 милијарди долари, објави американското Министерство за финансии.
– Вкупната вредност на имотот на Руската Федерација се проценува на приближно 280 милијарди долари, од кои најголемиот дел се наоѓа во Европската унија – се наведува во соопштението.
Министерството прецизира дека експерти од САД, Австралија, Канада, Европската комисија, Франција, Германија, Јапонија, Италија и Велика Британија ја завршиле првичната ревизија на „руските суверени средства имобилизирани во јурисдикциите“ на тие земји.
Планирано е до крајот на годинава да се заврши идентификацијата на средствата и нивната пресметка. Американското Министерство за финансии, исто така, додаде дека земјите се обврзале да ги чуваат средствата „додека Русија не ја надомести штетата што и ја нанела на Украина“.
По почетокот на војната во Украина, Западот воведе остри санкции кон Русија, вклучително и замрзнување на приближно половина од златните и девизните резерви на земјата – околу 300 милијарди долари, пишува Риа Новости.
Европската комисија претходно неколку пати најави дека ја проучува евентуалната употреба на овие средства за потребите на обновата на Украина, но засега нема правна основа за такви акции во ЕУ. Официјалната претставничка на Министерството за надворешни работи, Марија Захарова, изјави дека ЕУ од 2014 година носи бројни нелегитимни и неосновани одлуки за замрзнување на имотот на руските граѓани и компании и „сега ги насочува јавните фондови“.