Богов: НЛБ Тутунска банка е една од најстабилните

23

nlb-tutunska-11-600x360Гувернерот на НБРМ Димитар Богов во пишана изјава за медиумите потенцира дека информациите коишто се шират во некои градови низ Македонија, како и на социјалните мрежи за НЛБ Тутунска банка се потполно неточни. Според него банката е една од најстабилните и најуспешни банки во Македонија.

Како што посочи Богов, Народната банка секојдневно го следи нивото на депозити во сите шеснаесет банки. Во март забрзува трендот на пораст на штедењето на населението. Конкретно, НЛБ Тутунска банка, исто така, има пораст на штедењето на населението и на вкупните депозити од почетокот на месецот.

“Би сакал да нагласам дека сите банки во Македонија се посебни правни лица коишто работат според македонските закони и над кои НБРМ врши супервизија. НЛБ Тутунска банка е најдобрата банка во групацијата на НЛБ, не се потпира на финансирање од матичната банка, ниту може да ги одлее средствата во матичната банка. Депозитите на штедачите пласирани во НЛБ Тутунска банка се пласирани во македонската економија, а не во словенечката. НЛБ Тутунска банка е финансиски целосно самостојна банка. Дури и при позначајни проблеми на НЛБ во Словенија, тоа не би се одразило врз билансот на НЛБ Тутунска банка и таа нормално би ги продолжила своите операции”, вели гувернерот на НБРМ Димитар Богов.