Болница во Хрватска користи роботи против коронавирусот

214

Болница во хрватскиот град Сисак започна да користи робот со УВ ламби за дезинфекција на просториите од коронавирусот, а што неодамна се покажа како успешна пракса во Кина, пишува Пословни дневник.

Роботот чини околу 65.000 евра, а е произведен во данската компанија UVD Robots.

Според спецификациите, роботот може за 10 минути да уништи 99,9999% од бактериите во просторот, како и вируси, меѓу кои е и Covid – 19. Роботот се движи со брзина со којашто луѓето одат или околу 5,4 километри на час и со тоа темпо со едно полнење да издржи два и пол часа дезинфицирајќи ги просториите.

Изгледа како автономна паметна правосмукалка, со силна база, а над нејзе има вертикален сталак висок 171 сантиметар со UV ламби што во исто време ја осветлуваат и ја чистат просторијата.

Ако ламбите не се вклучени, роботот може самостојно да се движи осум часа. За повторно да се наполни му се потребни три часа. Роботот со помош на UV  – С светла ги уништува DNA и RNA молекулите што се клучен дел од бактериите и вирусите, а таа постапка е успешна за дезинфекција на површини, но и за воздухот.

Роботот е сместен на одделот за инфектологија во болницата во Сисак.

Фото: UVD Robots