Болницата Свети Лазар се ребрендираше во Моја Болница

390

Болницата Свети Лазар хоспитал денеска го објави ребрендирањето и го промовираше новото име Моја Болница, специјална болница на гинекологија, акушерство и ортопедија, како и почетокот на соработката со болницата Гувен.

На промоцијата, генералниот директор Марјан Димески рече дека соработката со Гувен ќе се одвива во размена на знаења, доусовршување, интервенции кои ќе се изведуваат во Моја болница од страна на турски доктори од областа на гинекологија, акушерство и ортопедија, како и испраќање пациенти во Турција за интервенции кои не може да се извршуваат во оваа здравствена установа.

„Моја болница станува и регионален центар за консултативни прегледи, интервенции, како и консулатации за пациентите од Македонија, Србија, Косово и Албанија. Особен акцент во соработката ќе биде ставен на Ин витро оплодувањето, односно на воведување нови техники кои се применуваат во Ин витро центарот на Гувен, како и во областа на ортопедијата”, истакна Димески.

Додаде дека новитет на болницата е отворањето на 24/7 check point, односно Центар за онлајн мониторинг на срцето, а во болницата ќе го реализираат и Проектот за бесплатни ортопедски прегледи на децата од градинките и основните училишта од прво до четврто одделение, кој ќе почне од општина Ѓорче Петров, а потоа со него ќе бидат опфатени и сите градинки и основни училишта во Скопје.