Борба против корупцијата тема на регионална конференција во Скопје

11

Регионална конференција на тема Борба против корупцијата се одржува денеска и утре во Скопје во организација на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев во соработка и со финансиска поддршка на Инструментот за техничка поддршка и размена на информации на Европската комисија (TAIEX).

Целта на конференцијата е запознавање на учесниците со начинот на борба против корупцијата во некои од земјите на ЕУ, како и можност претставниците на правосудните школи од регионот кои спроведуваат континуирана обука на судиите и јавните обвинители на национално ниво, да ги надградат, усовршат и развијат своите програми.

На конференцијата ќе присуствуваат претставници на Судскиот совет на Република Македонија, на Советот на јавните обвинители, судии и јавни обвинители од сите апелациски подрачја и од сите инстанци, претставници на Здружението на судиите, претставници на Министерството за правда, како и судии, јавни обвинители, адвокати и претставнции на правосудните школи, од Србија, Турција, Црна Гора, Албанија, Косово и БиХ..

Излагања од областа на корупцијата во рамки на дводневната конференција ќе имаат Марин Мрчела, претседател на ГРЕКО, судија на Врховен суд на Република Хрватска, Ѓуро Сеса, судија на Врховен суд на Република Хрватска, претседател на Здружението на судиите на Република Хрватска и потпретседател на Меѓународното здружение на судиите, Мадалина Михаела Агресану, раководител на одделение за европски прашања и меѓународна соработка, Генерален директорат за борба против корупција при Министерство за внатрешни работи на Романија, Роберт Шуми, раководител и полициски началник, Генерален директорат на полиција, Полициска академија, Центар за истрага и социјални вештини при Министерство за внатрешни работи на Словенија, Теодоро Франх Забала, директор на Оддел за истраги, Канцеларија за измами во Каталонија, Шпанија, Инта Ноле, виш специјалист, Биро за спречување и борба против корупција (KNAB), Латвија и Јоана Корнер, судија на Кралскиот суд на Обединетото кралство.