Ваучерите за набавка на инвертер клима уредите треба да бидат доделени најдоцна за две недели, информираше министерката за енергетика Сања Божиновска.
Средствата за инвертер клима уредите би требало да бидат исплатени за две недели, бидејќи тие првенствено беа во Министерството за економија, меѓутоа со поделбата мораше да се направи делбен биланс, мораше да се префрлат со буџетот и со новиот ребаланс во новото Министерство. Тоа мораше да помине низ законодавство, потоа оди на Генерален секретаријат и потоа на Влада. Се надевам дека ќе бидат исплатени најдоцна за две недели – рече Божиновска.
Таа вети дека ќе се заложат во пресрет на грејната сезона да има доволно енергенси во државата.
– Ќе се потрудиме да направиме сè граѓаните да спијат мирно и да имаат греење и да има енергенси. Сезоната ќе почне и тука нема да има проблеми, а следната недела ќе го видиме енергетскиот биланс и ќе видиме што е потребно за да се набави сега со време да не купуваме однапред недела или две бидејќи тогаш се поскапи енергенсите – посочи Божиновска.
Прашана дали добиле одговор на дописот што го испратија заедно со Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до Енергетската заедница дека земјите од ЈИЕ плаќаат повисоки цени за електричната енергија отколку другите држави во Европа, рече дека за тоа ќе дискутираат во декември во Енергетската заедница.