Како последица од пандемијата, светот сега се соочува со голем “бран“ на поскапувања што неминовно ќе ги опфатат сите оние работи што ни се потребни за секојдневниот живот. Нејзиното глобално ширење ја наруши трговската мрежа, предизвика доцнење на нарачките, забавување на производството, а во исто време се зголемува притисокот поради зголемената потрошувачка, во еден дел поттикната и од владините пакети помош за надминување на кризата, прилагодени во секоја земја на различен начин.
Поскапува челикот, градежните материјали, горивото, пченицата, шеќерот, маслото за јадење, но и недвижнините, автомобилите…
Храната е прва на удар, но и најлесно се забележува нејзиното поскапување. Па така, на пример, цените на месото во САД пораснаа за 6,4%, а вкупно цената на месото, живината, рибите и јајцата поскапеа за 1,3%.
Меѓу производите што секако поскапуваат оваа година е опремата за домаќинство. Цените на мебелот бележат раст од над 1%, што иако не е голем скок, сепак во САД е најголем од јануари 1976-та година. Како една од причините поради којашто има поскапување на мебелот е повисоката цена на основната суровина во оваа индустрија – дрвото.
Растат цените и на возилата, без оглед на тоа дали се нови или половни. Според податоците, во април цените на половните возила порасна за 10%, што е најголем месечен раст на цените од 1953 година. И новите автомобили, исто така, поскапеа. Во мај нивните цени се зголемија за 1,6%, што е најголем месечен раст од октомври 2009-та година.
Бидејќи растеше бројот на луѓе во светот кои работат од дома, тоа влијаеше и врз побарувачката за автомобили, па како одговор на тоа, многу продажни места беа затворени. Иако во меѓувреме побарувачката за автомобили закрепна, тоа не е случај со понудата.
Фото: Pexels