Британците најголеми инвеститори, автомобилскиот сектор најатрактивен за вложување во Македонија

8

evra

Моторната сила за секоја економија, без оглед на степеност на развиеност, се секако инвестициите. Без разлика на тоа дали доаѓаат од земјата или од странство, инвестиции сигнализираат раст, зголемување на производството, отворање нови работни места и долгорочно стабилна економија.

Македонија е земја која тежнее кон воспоставување на систем за привлекување на странски инвеститори со цел, меѓудругото, да ја намали високата стапка на невработеност и да го зголеми извозот.

Податоците на Народната банка на Македонија покажуваат дека вкупните директни инвестиции во земјава во текот на изминатата 2013-та година биле на ниво од над 251 милиони евра. Од овој странски капитал, најголем дел отпаѓа на британски инвестиции и тоа 44,63 милиони евра. По нив следат инвестициите од Австрија во износ од 36,54 милиони евра, а зад нив се германските инвестиции на ниво од 27,07 милиони евра.

Последната статистика на НБРМ во однос на странските инвестиции покажуваат дека заклучно со февруари, во земјава се слеал странски капитал во висина од 26,3 милиони евра. Во истиот период лани, странските инвеститори во земјава вложиле 24,3 милиони евра, додека тој износ во 2012-тата година бил 34,2 милиони евра.

Анализирано според дејностите во кои странските инвеститори решаваат да ги вложат своите пари, пред се се нагласува производниот сектор во вредност од 103,09 милиони евра. Според направената класификација, во секторот возила и транспортна опрема се вложени 67,36 милиони евра, додека во секторот за производство на моторни возила 61,92 милиони. Во услужниот сектор, како што покажуваат податоците, се инвестирани 54,18 милиони евра, додека во градежништвото странскиот капитал е на ниво од 18,54 милиони евра.

За да може Македонија да биде на мапата на странски инвеститори, мора да ги потенцира трошоците на трудот, ниските даноци, соодветната квалификувана работна сила, но и макроекономската стабилност преку ниската и стабилна инфлација, стабилниот девизен курс, како и контролирано и ниско ниво на буџетски дефицит и јавен долг.

Статистиката на НБРМ за директните инвестиции ги опфаќа податоците за состојбите и движењата врз основа на директните инвестиции. Во зависност од насоката на инвестирање, опфатени се состојбите и движењата на директни инвестиции во странство и директни инвестиции во земјата.