Британски производители заинтересирани за влез на македонскиот пазар

20

tocka-99484На билатералната средба со британскиот министер за земјоделство и храна Дејвид Хит во Лондон, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Димовски, ги повика бизнисмените од Обединетото Кралство да инвестираат во Македонија наведувјќи ги поволните услови што ги нуди земјава.

“Нашите врати се отворени за инвестиции во производството или во откупно дистрибутивни центри за земјоделски производи за да ги пласираат на британскиот пазар”, рече Димовски на средбата.

Посочувајќи на актуелните состојби во аграрот, Димовски нагласи дека Македонија ја усогласи легислативата согласно барањата на ЕУ и успеа да ги зголеми стандардите за производство како услов тоа да биде прифатено на строгиот европски пазар.

“Климатско-почвените услови овозможуваат производство на квалитетни земјоделски производи со карактеристична арома, боја и вкус. Поради тоа и со заложбата на Владата која спроведува стимулативни мерки, изминатите неколку години се удвои извозот на македонски земјоделски производи, кои главно ги извезуваме на пазарите на Европската унија. Високиот квалитет на нашите земјоделски производи се надеваме дека ќе овозможи да бидеме поприсутни и на британскиот пазар”, истакна Димовски.

Британскиот министерот Хит информира дека постои интерес на британски производители за влез на македонскиот пазар, а британскиот пазар е отворен за македонското вино. Затоа, подвлече, треба да се работи на зголемување на меѓусебната трговска соработка.

Хит понуди поддршка за подобрување на квалитетот и безбедноста на храната, како и подобрување на агро-технолошките мерки за зголемување на производството по единица површина. Тој побара помош од македонскиот колега во областа на шумарството за обезбедување семиња од црн бор кој е познат по тоа што  е отпорен на болести, со цел подобрување на генетиката на нивниот бор.

Димовски оствари средби и со Лорд Рукер, претседавач на Агенцијата за стандарди на храна, со Пол Кристенсен, претседавач на Натурал Енгланд, како и со Питер Џинман, претседавач на стручна комисија во Министерството за животна средина, храна и рурални работи. Тие разговараа околу можноста за обезбедување техничка поддршка во областа на безбедноста на храната и благосостојбата на животните.

Министерот Димовски во Лондон го придружуваше и директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Дејан Рунтевски.