Бриж доби два километри долг систем од цевки за транспорт на пиво

59

largeБелгискиот град Бриж доби систем од цевки, долг два километри, низ којшто ќе биде транспортирано пиво под улиците на историското место, пишува CNN Money. Токму метежот низ тесните и криви улички беше причина пиварницата De Halve Maan да се реши на ваков алтернативен чекор. Тие секоја година транспортираат милиони литри пиво до нивната постројка за полнење шишиња надвор од градот.

Со новоизградениот систем ќе се олесни и забрза транспортот на пивото коешто ќе оди директно до постројката. Серијата цевки, долга два километри а длабока 34 метри, ќе може да транспортира 4.000 литри пиво на час доволно за 12.000 шишиња. Сопственикот на пиварницата, Хавиер Ванесте, ја добил оваа идеја кога видел како градежниците инсталираат мрежа од кабли во центарот на градот.

За градењето на овој систем од цевки беа потребни вкупно три години за да се добијат потребните дозволи, средства и да се комплетира конструкцијата. Со оглед на многуте историски места во градот што се под заштита на УНЕСКО, подземната патека требаше добро да се истражи пред да започне потфатот.

Проектот чинеше 4,5 милиони долари, од кои 335.000 долари беа онлајн донирани од страна на љубители на пиво. Со цел да се зачува вкусот на пивото и да се задоволат барањата за безбедност на храната, во цевките има полиетилен со висока густина и истите се целосно стерилизирани.