Во 2020 година, дефицитот во размената на стоки со странство забележа стеснување од 9,8% на годишна основа, според очекувањата од октомвриската проекција, во услови на истовремен годишен пад на извозната и на увозната компонента, покажуваат податоците на Народна банка.
Извозот на стоки во 2020 година бележи годишно намалување од 10%, при пониски остварувања кај сите извозни категории, но со најголем пад забележан кај извозот на индустриските капацитети од автомобилската индустрија во странска сопственост (со учество од околу 65% во вкупниот пад).
Динамички гледано, најголемиот удар врз извозот како последица на пандемијата на ковид-19 е сконцентриран во второто тримесечје, со пад од 35,7% на годишна основа. Во услови на воспоставени ограничувања на движењето во домашната економија, како и во поголем дел од земјите од ЕУ, одредени тешкотии при транспортот на стока и значителен пад на побарувачката, еден дел од производните капацитети во домашната економија, вклучително и капацитетите ориентирани кон извоз, останаа затворени во овој период. Но, веќе во третиот квартал, во услови на привремено стабилизирање на состојбата со пандемијата, постепено олабавување на мерките за спречување на нејзиното ширење и повторно активирање на капацитетите вклучени во глобалните синџири на снабдување, се забележува значително забавување на падот на извозот (остварен пад од само 1,4%) и понатамошно забрзано закрепнување во последното тримесечје од годината кога вкупната извозна активност забележа раст од 5,1%. Ваквите остварувања упатуваат дека нормализирањето на синџирите на производство во кои се вклучени извозните капацитети и нивното приспособување кон новонастанатата состојба се одвиваше релативно брзо, што има поволен ефект врз вкупната економија.
Движењата на увозната компонента на надворешнотрговската размена во голем дел ги одразуваат извозните остварувања. Така, годишното намалување од 10% е резултат на пониските остварувања кај сите увозни категории и во најголем дел е сконцентриран во второто тримесечје, како резултат на намалениот суровински увоз на капацитетите ориентирани кон извоз во економијата и понискиот увоз на опрема и машини и енергија. Во третиот и четвртиот квартал се забележува значително забавување на падот кај увозот на стоки, во услови на брзо закрепнување на суровинскиот увоз и увозот на опрема и машини, при натамошни пониски остварувања кај енергетскиот увоз.
Фото: Pexels