Брзорастечките фирми треба да инвестираат во создавање позитивна корпоративна култура

49
Ацо Момчиловиќ, главен директор за човечки ресурски, Rimac Automobili, Хрватска
Ацо Момчиловиќ, главен директор за човечки ресурси, Rimac Automobili, Хрватска

Ацо Момчиловиќ е главен директор во Rimac Automobili, хрватска компанија што дизајнира и произведува електрични возила со високи перформанси, компанија која започна со работа во гаража, а сега e глобално препознаена како технолошки лидер.

Rimac Automobili развива и произведува следна генерација на хиперавтомобили, погони и системи батерии, а првиот модел, Concept One, е познат како најбрзо електрично возило во светот.

Момчиловиќ ќе биде говорник на деветтата регионална HR конференција, што на 31 мај и 1 јуни ќе се одржи во Скопје, во хотел Александар Палас. Конференцијата е во организација на Македонската асоцијација за човечки ресурси, во партнерство со Вработување.ком, а темата оваа година е Најдобрите HR решенија за соочување со предизвиците во брзорастечките индустрии.

БИ: Колку човечките ресурси се важни во време на дигитална технологија?

Човечките ресурси, односно вработените се еднакво важни како и претходно. Можеби моментално влијанието на некои позиции се намалува поради развојот на технологијата, но затоа расте значењето на многу други високо специјализирани позиции без кои работите во дигитално време не би можеле да се завршат. Денешната сè поголема потреба за иновации поставува дополнителни барања кон најкреативните поединци и нивното системско образование.

БИ: Што е клучно при вработувањето кадар во Rimac Automobili, на што најмногу обрнувате внимание?

Со оглед на големата разноликост на позиции, секој профил посебно е дефиниран. Она што сите ги поврзува е љубовта кон работата што ја работат, желбата за усовршување и напредување и храброста да ги прифатат предизвиците кои доаѓаат преку сè поинтересните проекти што ги работиме. Вработуваме многу млади луѓе, но во потрага сме за постари и поискусни инженери кои ќе го поделат своето знаење и искуство.

БИ: Која е тајната на успех на Rimac Automobili, колку успехот на една компанија зависи од изборот на вработените?

Би рекол дека успехот зависи од тоа како исклучителни поединци ќе се спојат во тимови и заеднички ќе работат. И најдобрите поединци не можат да постигнат вонсериски резултати на вакви комплексни проекти, ако нема синергија меѓу нив. Тајната на успехот и понатаму ќе остане тајна :), но можам да кажам дека и денес многу големо влијание има основачот и сопственик на фирмата, Мате Римац, кој е еден од главните мотори на овој успех.

aco-1

БИ: Во што треба најмногу да се вложува во брзорастечки фирми кога станува збор за човечки ресурси?

Треба да се инвестира во создавање позитивна корпоративна култура и да се работи на внатрешна мотивација на вработените. Ако тоа функционира, сè останато само ќе си се нареди. Ние секоја година инвестираме значителни средства во едукација преку разни семинари или конгреси, посети на специфични конференции или дури и на други компании од браншата.

БИ: Според Вашето мислење, каков е профилот на совршен вработен, кои особини и професионални вештини би требало да ги има за да биде совршен за работодавачот?

Одговорот е во второто прашање. Она што е интересно е дека во последно време, поради потребата од поголем број вработувања, активно работиме и на привлекување кандидати од други земји, ЕУ, па и од светот. Мислам дека во скора иднина 10% од вработените ќе бидат странци од цел свет.

БИ: Ќе бидете говорник на HR конференцијата во Скопје. Што може да очекува публиката? Какви HR практики ќе споделите?

Ќе споделам некои конкретни практики и примери на проекти за наоѓање и регрутирање вработени, што ги организираме во последните две години, кои се признати од страна на експерти за човечки ресурси и врз основа на кои добивме домашни и меѓународни награди. Ќе се обидам да објаснам некои причини и последици во контекст на стратегија за човечки ресурси.