Буџетот за следната година ќе биде 3,898 милијарди евра

32

Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од 5% во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра.

Најголем дел од буџетските расходи ќе бидат за здравствениот, образовниот и социјалниот систем, како и за поддршка на реалниот сектор.

Ова го најавија премиерот, Зоран Заев и министерката за финансии, Нина Ангеловска. “Причината поради којашто поддршката на човечкиот капитал е во фокус, односно вложување во граѓаните и создавање подобри услови за живот, е предизвикот со кој сме соочени како земја: да го задржиме и надградиме нашиот човечки капитал. Доколку не вложуваме континуирано во човечкиот капитал, како земја нема да имаме работна сила подготвена за работните места на иднината, нема да бидеме конкурентни со светската економија и нема да може да го одржиме економскиот раст. Свесни сме дека како земја според индексот на човечки капитал, кој ја мери потенцијалната продуктивност на детето согласно инвестираното во него преку здравството, образованието и социјалната грижа, заостануваме во регионот. Добар буџет, е оној буџет кој ги адресира приоритетите – а приоритет за раст и напредок на земјата е човечкиот капитал“, рече Ангеловска.

Буџетот за 2020 година има проектирана приходна страна од 222 милијарди и 300 милиони денари (три милијарди 615 милиони евра), што претставува раст од 5,6% споредено со оваа година.

Кај расходната страна на буџетот планиран е раст од 5% во однос на минатата година со што вкупните расходи изнесуваат 239 милијарди и 700 милиони денари, односно три милијарди 898 милиони евра. Како процент од БДП, расходната страна изнесува 32,4% додека приходната изнесува 30% од БДП.

Буџетскиот дефицит за 2020 година, според министерката, е определен на ниво од 2,3%, односно на пониско ниво од годинава за којашто е проектиран дефицит од  2,5% и 2018 година кога беше 2,7%. Ова, според министерката, е важен показател на силната определба за фискална консолидација, проследена со натамошна буџетска дисциплина и обезбеден значителен фискален простор за поддршка на домашната економија и граѓаните и инфраструктурни проекти.

Проекциите во буџетот се правени врз основа на предвиден раст за следната година од 3,8% од БДП, кој се базира на растот на приватната потрошувачка, извозот и инвестициите – јавни и приватни.

Предлог буџетот за наредната година ќе биде доставен до Собранието на Република Северна Македонија.

Фото: Pixabay