Бугарија: Уапсени пет лица за обид за дестабилизација на банките

42

bg

Бугарската полиција притвори пет лица под сомнение дека учествувале во организиран напад на бугарскиот банкарски систем. Државната агенција за национална безбедност објави дека притворените се сомничат за ширење лажни информации против бугарските банки за да го дестабилизираат системот. Тие ги користеле сите средства за комуникации, од мобилни телефони и електронска пошта, до социјални мрежи, за да прошират гласини кои би требало да ги натераат граѓаните во масовен број да ги повлекуваат своите депозити од бугарските банки и на тој начин да ги урнат. Еден од осомничените им должел на банките голема сума на пари, велат од Агенцијата.

Бугарската централна банка пред неколку дена предупреди на системски обиди да се дестабилизира земјата преку напад на банкарскиот систем. Минатата недела, граѓаните исплашени за своите депозити, масовно почнаа да ги вадат парите прво од Корпоративната банка, а потоа и од третата по големина банка во земјата, Прва инвестициона банка.

Вчера вечерта, по консултациите кај претседателот Росен Плевнелиев меѓу лидерите на партиите, министерот за финансии и гувернерот на централната банка, беше заклучено дека сите банки, со исклучок на Корпоративна комерцијална банка, денеска ќе ги отворат вратите и ќе работат нормално.

“Парите на граѓаните вложени во банкарските институции во Бугарија се сигурни и загарантирани. Банките ќе продолжат да работат по нормален режим. Ги повикуваме луѓето да бидат спокојни, да не извлекуваат непотребно пари, можат да бидат сигурни дека банките располагаат со потребните ресурси”, изјави Плевнелиев и додаде дека нема причина за паника, банкарска криза нема, пишува Труд.

Претседателот истакна дека државата има доволно ресурси и механизми за да се справи со обидите за дестабилизација.