Фирми со различни профили и од различни сектори, од административни услуги, преку градежништво и здравство, до угостителски објекти и рударство. Во земјава регистрирани се вкупно 636 компании кои во својата сопственичка структура имаат најмалку еден менаџер сопственик од соседна Бугарија, пишува Analitika.mk.
Македонија се покажува како исклучително поволна дестинација и за капиталот од Бугарија, географски блиска како сосед, но и важна како земја членка на НАТО и Европската Унија. За граѓаните на Македонија, Бугарија е често посетувана туристичка дестинација, но и близок пазар за бизнис релации. Во Македонија, според податоците на Таргет Груп егзистираат 636 бугарски фирми или компании коишто во сопственичката структура имаат најмалку еден сопственик од Бугарија. Податоците од билансите за работењето на овие компании покажуваат дека приходите и добивките на годишно ниво се со растечки тренд. Така, во 2017 година вкупните приходи изнесувале 340 милиони евра а за една година се зголемиле за 12,3 милиони евра.
Анализата на остварените добивки по сектори покажува дека најпрофитабилните бугарски бизниси во земјава се во рударството и трговијата на големо и мало со сегментот на поправка на моторни возила. Според дејноста, најголем годишен профит од 6,4 милиони евра испорачале фирмите од трговија на големо и трговија на мало заедно со дејноста поправка на моторни возила и мотоцикли, на второ место со добивка од 6,3 милиони евра е секторот рударство и вадење камен а на трето место со добивка од 3,2 милиони евра е дејноста на преработувачката индустрија.
Профит повисок од 200.000 евра на годишно ниво прикажале бугарските фирми од секторите градежништво, енергетика, финансии и стручни и научни дејности, додека најмала добивка оствариле фирмите коишто се занимаваат со административни и помошни дејности.
Но, не во сите примери компаниите со најголеми годишни приходи прикажале и најголеми добивки. Според остварените приходи на годишно ниво, на прво место останува секторот на трговија со приход од 158 милиони евра, следува дејноста снабдување со електрична енергија со приход од 96,2 милиони евра, а на трето место е преработувачката индустрија со прикажан приход од 37,3 милиони евра.
Компаниите коишто во своето сопствеништво имаат бугарски капитал се застапени во сите плански региони во земјава. Според податоците на Таргет Груп, бугарските фирми доминираат во Скопскиот регион каде се лоцирани 68% од овие фирми. Конкретно во Скопскиот регион има 430 бугарски фирми, следува Источниот регион којшто опфаќа општини кои граничат со соседна Бугарија и таму се позиционирани 56 фирми, а на трето место е Југоисточниот регион, исто така, географски близок до бугарската граница, со 46 компании. Во Североисточниот регион има 40 бугарски фирми, во Вардарскиот 25, во Пелагонискиот 17, во Полошкиот регион работат 11, а во Југозападниот плански регион има девет компании кои имаат сопственици од Бугарија.
Според бројот на вработени што ги апсорбираат фирмите со бугарско сопствеништво предничи Источниот регион каде е генерирана и најголемата добивка од вкупниот износ на добивка што го испорачале сите бугарски фирми во земјава.
Фото: Pexels