На прв поглед честитките на бугарскиот старт-ап iGreet изгледаат како сите други, но зад нив се крие нешто повеќе – раздвижена порака, лично видео и аудиоефекти. Технологијата “додадена реалност” овозможува кон реални објекти да бидат додадени виртуелни слики. Со оваа технологија, хартиените честитки “оживуваат” пред очите на клиентот, кој треба да ја симне апликацијата и да ја гледа честитката преку екранот на мобилниот телефон. Апликацијата е достапна за оперативните системи Android и iOS, пишува софиски Капитал.
Компанијата iGreet е основана летото 2015 година, но нивните честитки веќе се продаваат во повеќе продавници и книжарници во Бугарија. Екипата е составена од четворица млади претприемачи, а заедно со бугарски уметници и илустратори, до сега имаат креирано скоро 40 видови картички за различни прилики.
“Концептот за развој на дизајни за картички ни се потпира на градење на мрежа од млади уметници и илустратори со кои ќе работиме долгорочно. Целта ни е на овој начин да им дадеме можност на младите уметници да се докажат и паралелно со тоа да создадеме разновидно портфолио, во согласност со различните вкусови на нашите клиенти”, објаснува Вичо Димитров, основач на компанија iGreet.