Луксузниот британски бренд Burberry минатата година уништил свои парчиња облека и козметика во вредност од 37,2 милиони долари, пишува Independent. Според компанијата тоа било дел од напорите да се заштити брендот од фалсификување.
Познавачите на модната индустрија пак, велат дека луксузните брендови ги горат непродадените производи за да спречат истите да бидат продадени по ниски цени и носени од “погрешни луѓе“.
Во последните пет години Burberry уништил облека и останати свои производи во вредност од 115 милиони долари, а бројката се зголемува од година во година.
Облеката на брендот е прилично скапа и се смета за една од најлуксузните, па така една поло маичка се продава за 325 долари, додека познатите мантили за дожд чинат дури 2.000 долари.
Компанијата исто така продава парфеми и козметика од коишто лани уништени производи во вредност од 13,5 милиони долари.
Од Burberry велат дека “елиминираат“ само производи што ја носат нивната трговска марка и соработуваат со компании коишто можат да ја искористат енергијата при процесот на горење.
Фото: Pixabay