BYD подготвена да отвори фабрика во Турција

55

Најголемиот кинески производител на електрични автомобили BYD ќе отвори фабрика во Турција, изјави неименуван турски владин извор за француската новинска агенција АФП.
Се очекува турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган да ги соопшти деталите. Веста доаѓа само неколку дена откако беа воведени дополнителни царини за кинеските електрични возила во ЕУ.

Според турските медиуми, инвестицијата во фабриката ќе биде вредна една милијарда евра. Со отворањето на фабрика во Турција, BYD би ги избегнала повисоките царини во ЕУ, бидејќи автомобилите произведени во Турција подлежат на поповолни услови за увоз во ЕУ, според царинската унија од 1995 година, пренесува AFP.

Европската комисија минатата недела воведе привремени дополнителни царини за увоз на електрични автомобили од Кина, откако истрагата покажа дека кинеските производители имаат корист од неправедните субвенции во синџирот на снабдување, што им штети на интересите на компаниите кои произведуваат возила во ЕУ.

Воведена е дополнителна царина од 17,4 отсто за автомобилите на најголемиот кинески производител на електрични автомобили BYD. Претходно, царината за увоз на електрични автомобили од Кина во ЕУ изнесуваше десет отсто.

Кина ја предводи светската транзиција кон електрични возила, со речиси секој трет автомобил на нејзините патишта што се очекува да биде електричен до 2030 година, според проценките на Меѓународната агенција за енергија.

BYD се соочува со тешка конкуренција на домашниот пазар, каде има дури 129 марки на електрични возила, и бројни регулаторни пречки на американскиот и европскиот пазар, поради што го проширува своето производство во странство. Неодамна отвори фабрика во Тајланд и ја избра Унгарија како прва европска фабрика.