Целосен телефонски именик во Република Македонија, благодарение на АЕК

4071

Агенцијата за електронски комуникации по пат на јавен тендер изврши избор на давател на универзална услуга за обезбедување на целосен телефонски именик и за обезбедување на телефонска служба за информации за претплатниците во Република Македонија.
Врз основа на ова, Агенцијата за електронски комуникации ја избра компанијата Р3 Инфомедија за изработка и сервисирање на единствениот телефонски именик и службата за информации.
Агенцијата за електронски комуникации, на Р3 Инфомедија и го додели бројот 1188 преку кој сите крајни корисници, вклучувајќи ги и корисниците на јавните телефонски говорници, ќе можат да добијат информации за претплатниците во Република Mакедонија. Операторите што вршат јавна телефонска услуга се должни податоците за своите претплатници да ги достават на Р3 Инфомедија, а тие да ги вклучат во целосниот телефонски именик и во евиденцијата на телефонската служба за информации. Целосниот телефонски  именик треба редовно да се ажурира, најмалку еднаш годишно.
Податоците за претплатниците на Република Македонија ги обезбедуваат операторите при склучувањето на договорите со корисниците во кој тие ја искажуваат својата волја, кои од податоците ќе бидат објавени и тоа (име и презиме, телефонски број и адреса на корисникот).
Правните лица и физичките лица кои вршат дејност се должни да дадат податоци за најмалку еден телефонски број што ќе биде објавен во целосниот телефонски именик.

„Граѓаните на Република Македонија, конечно ќе имаат можност на едно место, на телефонскиот број 1188, да ги добијат сите фиксни и мобилни телефонски броеви кои што им се потребни. Сите правни лица имаат обврска за доставување на своите податоци во целосниот телефонски именик, додека пак, телефонските броеви на физичките лица ќе бидат дел од именикот само со нивна претходна согласност“, изјави директорот на АЕК, г. Роберт Орданоски.