Целта на ЈИЕ до 2020 е милион нови работни места

23

Според денешната презентираната нацрт стратегија за ЈИЕ 2020, се предвидуваат милион нови работни места до 2020 година во регионот на Jугоисточна Европа, зголемување на директните странски  инвестиции за 240%, на обемот на трговија за 140%, на вработеноста за 5% и на високообразовната работна сила за 300.000 лица.

“Ова е многу амбициозна стратегија со вкупно 11 цели, изработена со соработка на 7 членки на Советот за регионална соработка од просторот на Западен Балкан, кои првпат ги утврдија своите развојни цели до 2020 година. Најамбициозна цел која е поставена е креирање милион  нови работни места до 2020 година”, изјави Сањин Арифагиќ, координатор на Советот за регионална соработка.

Со цел да се реализираат поставените цели во стратегијата предвидени се низа инструменти и мерки, трговско-инвестициско поврзување, унапредување на конкурентноста на фирмите и на ефикасноста на државните управи, што е препознаено како еден од проблемите во регионот, и активни политики за вработување.

“Агендата е  многу сеопфатна и бара голема координација помеѓу државите и на национално и на регионално ниво, а исто така и поддршка од меѓународните партнери, пред се од Европската унија”, истакна Арифагиќ.

Арифагиќ ја презентира стратегијата на работилницата, во организација на Комитетот за инвестиции на Југоисточна Европа, во рамки на Советот за регионална соработка.

При тоа членови на македонскиот национален економски тим, претставници од надлежните институции, граѓанското општество, приватниот сектор, донатори и други заинтересирани страни, на работилницата се консултираат за планираните цели, мерки и инструменти за нивно реализирање.

Откако ќе се приберат повратни информации од сите засегнати страни, тие ќе бидат земени предвид во конечната верзија на стратегијата, која треба да се усвои на Министерската конференција во ноември во Сараево.

Како што истакна државниот секретар во македонското Министерство за економија Анче Трифунов, Владата на Република Македонија ја поддржува стратегијата како сеопфатен документ за одржлив развој на регионот со поголема  координација помеѓу националните политики на земјите во регионот и ЕУ особено од аспект на приоритетот за членство во Унијата.

“Владата е активно вклучена од самиот почеток на подготовка на стратегијата и дава придонес во сите фази на изработка. Стратегијата треба да помине владина процедура, да се усвои и од Владата на РМ, и од останатите земји членки на ЈИЕ, по што ќе финализира со потпишување од страна на министрите за економија и трговија во ноември. Активно сме вклучени и стратегијата генерално се совпаѓа со целите на РМ на полето на економскиот развој. На овој начин преку регионален пристап, заеднички како регион со помош на ЕК, со нагласена помош преку ИПА фондовите за повеќенаменска поддршка, очекуваме оваа стратегија да даде уште посилен придонес за остварување на нашите национални цели”, рече Трифунов.