Трошоците за живот во јануари се намалени за 0,1%, а цените на мало зголемени за 0,2% во однос на декември минатата година, објави денеска Државниот завод за статистика.
Намалувањето на трошоците на живот е резултат на пониските индекси на јајцата за 2,5%, чоколадните производи за 1,3%, овошјето за 1,2%, лебот и житариците за 0,7%, рибата и шеќерот за 0,5%, кондиторските производи за 0,4% и свежото млеко за 0,2%.
Во јануари намалување на трошоците на животот е забележано и кај информатичката опрема за 4,9%, стаклените садови, кујнски прибор и друга опрема за домаќинствата за 3,9%, обувките за 3,8%, услугите за сместување за 2,5%, апаратите за домаќинстата за 0,9%, облеката за 0,6%, течните горива за домаќинствата за 0,5% и резервни делови и опрема за сопствен превоз за 0,2%.
Пораст на трошоците на животот е забележан кај зеленчукот за 1,4% киселото млеко за 0,7% конзервираната риба за 0,5% сувото овошје и други прехранбени производи за 0,4% и преработките од млеко за 0,3%.
Пораст има и кај авионскиот превоз на патници за 4,4%, фармацевтските производи за 3%, пијалаците во рестораните и хотелите за 1,5%, здравствените услуги за 1,2%, исхрана во рестораните и хотелите за 0,8%, услуги во патниот сообраќај за 0,7%, гасот за домаќинстата за 0,6% и течните горива и мазива за 0,2%.
Во споредба со јануари 2013 година, трошоците на живот се зголемени за 0,9%, а цените на мало бележат пораст од 0,8%.