Цените на платината уриваат рекорди, а со неа поскапуваат и автомобилите

Зголемувањето на цените на суровините како што се платината, паладиумот и родиумот силно влијаат врз трошоците во автомобилската индустрија, предупреди во среда јужнокорејската „Киа Корп.“

Платината главно се користи во автомобилската индустрија во свеќички и катализатори. Построгите регулативи бараат од производителите да додаваат повеќе платина во автомобилите, што пак одржува позитивен тренд на побарувачката, забележува Ројтерс.

Цените на платината неодамна достигнаа рекордни нивоа, следејќи го трендот на други благородни метали, како што се златото, среброто и паладиумот.

Во среда околу пладне, унца платина изнесуваше 2.650,00 долари  и го надмина претходниот рекорд од 29 декември минатата година за 6,9 проценти.

Мемориските чипови досега не се засегнати
Зголемувањето на цената на мемориските чипови сè уште не влијаело врз работењето на Киа, забележува менаџментот.

Оваа година, Киа планира да расте на три клучни пазари, па затоа планира да продаде 915.000 возила за САД, 594.000 за Европа и 302.000 за Индија, преку лансирање на нови модели.

„Целиме да ја зголемиме продажбата во Европа за 11,1 проценти, поддржана од електрични возила, и продажбата во САД за 4,7 проценти, поддржана од хибриди“, изјави финансискиот директор на Киа, Ким Сеунг-џун, нарекувајќи ја целта за продажба на компанијата за оваа година „амбициозна“.