Од 2015 година, постарите работници кои се пред пензионирање, во фабриката Bosch diesel во чешкиот град Јихлава ќе може да работат со скратено работно време, а да добијат полна плата, предвидува новиот колективен договор во таа фабрика.
Претставниците на синдикалната организација пред менаџментот го претставиле нивниот концепт, според кој треба да се задржат постарите и поискусни вработени. Од први јануари, во рамки на оваа социјална програма ќе може да се пријават оние вработени кои за три години стекнуваат право на пензија.
Синдикалците сметаат дека повозрасните колеги можеби не можат да работат исто колку и помладите, но поседуваат искуство и знаење што е посебно важно за компанијата.
Во програмата со скратено работно време, со помалку обврски и со полна плата во 2015 година може да се пријават околу 70 работници, а следната 2016 неколку стотина од вкупно 4.200 вработени.
Оваа социјална програма е слична на програмата на фабриките на Bosch во Германија.