Четири компании се избрани за финансирање иновативни проекти со грантови до 30.000 евра на третиот повик на Фондот за иновации и технолошки развој, јавува Миа.
Грантови за комерцијализација на иновации добиваат компанијата Вижндинамикс за систем за креирање 3Д мапи од дрон, Ресин лабораторијата за индустриски наоди и технологија, којашто создала магнетна ЦНЦ плазма дупчалка на челични отвори, ДТК Смарт ТЕК за интегриран интернет базиран информациски систем за менаџирање со енергија и Веблајдерс за креирана платформа за секундарни туристички услуги.
Добитниците на грантовите на објавувањето на резултатите од повикот истакнаа дека очекуваат да ги комерцијализираат иновациите и што поскоро и да ги пласираат и на домашниот и на меѓународниот пазар.
Иновацијата на Вижндинамикс ќе може да се користи во катастарот и градежништвото и ќе треба да ги намали времето и трошоците за креирање мапи.
“Иновацијата со нивниот систем е што 3Д мапите би биле многу прецизни и точни во рангот на ласерски скенери, но многу поевтино за експлоатација. Системот работи во реално време и користи метод на симултано локализирање и мапирање, што значи дека мапата може да се коригира за време на креирањето и за време на летот во реално време“, рече Душко Муртовски од Вижндинамикс.
Со новиот технолошки концепт за изработка на отвори, иновација на Ресин, според менаџерот Сашко Павлов, би се забрзало за 30 пати дупчењето челични отвори, а би го користеле сите фирми кои работат со челични конструкции.
Проектот на спин оф компанијата Смарт ТЕК, пак, е комплетна хардверска и софтверска изработка на универзален мерен уред којшто ќе ги реискористи постоечките броила во домашните компании, но ќе може да се користи и во меѓународни рамки, појасни Филип Симјановски од ДТК Смарт ТЕК.
“Идејата на иновацијата на Веблајдерс е да се поттикнат домаќините да понудат различни секундарни услуги за туристичкото место во кое работат, како параглајдери, готвење традиционална храна“, рече Михаил Стевчев од Веблајдерс.
Четирите иновативни проекти се избрани во конкуренција на 52 пристигнати на огласот на Фондот за инструментот чија цел е да се поттикне иновативноста кај претпријатијата и примената на иновативни решенија.
“Особено е важно што во избраните иновативни проекти се вклучени млади лица кои работеле на истражувања во рамки на универзитетите. Ќе имаат можност да ги продадат на пазарот решенијата во наредните година – две. Им посакувам многу успех, затоа што процесот на имплементирање, доразвивање, тестирање и дизајн на иновативните решенија и нивно пласирање на пазарот е многу неизвесен, рече на прес-конференција директорката на Фондот за иновации и технолошки развој“, Јасмина Поповска.
За финансирање проекти за третиот јавен повик се обезбедени 450.000 евра, а се планираше да бидат финансирани 15 компании.
Поповска апелира до учесниците на повикот чии проекти не се избрани за финансирање да ги земат предвид сериозно препораките од Комитетот за оценување. Со тоа нивните иновации, како што рече, ќе бидат покомерцијални, поисплатливи, посмислени и поквалитетни за наредниот повик кој планираат да го објават во јануари следната година.
Третиот јавен повик беше отворен од први јули до први август за инструментот за поддршка кофинансирани грантови за новоосновани трговски друштва старт – ап и спин – оф. Инструментот е наменет за финансирање на новоосновани претпријатија коишто постојат најмногу шест години, микро, мали и средни претпријатија регистрирани во Република Македонија.