Чевлите треба да бидат обликувани според стапалата, а не обратно

23
1
Галахад Кларк, основач на британската иновативна компанија Vivobarefoot

Галахад Кларк е седмата генерација чевлари во семејството Кларк. Израснат е во свет во кој се почитува традицијата и кој ги поместува границите на иновативниот дизајн. Vivobarefoot брендот е лансиран во 2012 година и од тогаш има продадено преку еден милион пара чевли. Ова се оригинални и автентични чевли што даваат чувство како да сте босоноги, со патентиран ултра тенок ѓон, отпорен на удари, што му дозволува на телото да се движи природно.

blog-10

БИ: Дали луѓето се свесни колку е важно за здравјето да се изберат правилни чевли?

Не. Не сите. Но сè повеќе стануваат свесни. Очигледно, живееме во ера кога најголемите компании зборуваат за технологии за чевли, а факт е дека тие технологии го менуваат начинот на кој функционираат нозете и нема доказ дека овие технологии се ефикасни. Стапалото е еден вид алатка за одење, трчање… Можете да видите дека највештите луѓе, луѓето што вежбаат боречки вештини, па дури и атлетите воопшто не носат чевли и не носат големи чевли. Нашата идеја е едноставна – да го вратиме правењето на чевли според стапалото. Многу луѓе денес имаат стапала обликувани според чевлите, наместо да биде обратно. Ова е проблем особено кај децата, кога стапалата уште не им се оформени, уште им растат и ако ги ставите во нешто што не е во форма на ногата, тогаш ногата ја поприма формата на чевелот и во најголемиот број случаи, настанува деформација. Затоа сакаме да правиме чевли што и дозволува на ногата да се однесува природно.

sensoria_image1

БИ: Каква технологија користите Вие?

Во основа, технологијата се нозете. Тоа е целата технологија што ви треба, а чевлите треба да им дозволуваат на нозете да бидат природни, да не се мешаат. Палецот е сидро за телото, а повеќето чевли го смачкуваат или го подигаат над земјата, каде не може да се однесува природно. Мускулите се затегнати, а чевлите треба да им дозволуваат да се шират и собираат и да овозможат здраво, природно движење. Стапалото има 2.000 нерви и мозокот е целосно зависен од добра информација од стапалото за да донесува добри одлуки за движењето. Повеќето чевли имаат некакви влошки или потпетици и ја реметат информацијата од стапалото до мозокот, па имате помалку добри одлуки за движењето. Сè почнува од стапалото и ако нешто не е како што треба таму, тогаш тоа се пренесува на целото тело. Нашите обувки се тенки, но многу отпорни. Значи добивате максимално чувство, но со заштита. Нашиот патент овозможува да изработуваме тенки, меки чевли кои нудат целосна заштита во модерниот свет.

blog-75

БИ: Велите дека одењето боси е најдобриот избор. Зошто?

Затоа што така е дизајнирано човечкото тело да се движи. Луѓето кога ја напуштиле Африка, направиле чевли за да поминуваат планини, пустини, снег… затоа што немаме шепи како животните и нашите стапала се чувствителни, ни треба заштита од природните појави. Но ако погледнете наназад како се правеле чевли, сите им дозволувале на нозете да се однесуваат природно. Дури и оригиналните сандали за ловење во Намибија, Африка, биле обична еднослојна антилопска кожа, без потпетици, влошки, а овие луѓе се движеле, трчале по осум часа во денот ловејќи. Ако не можеле да трчаат, ќе умреле. Исто и луѓето што живеат на Арктикот. Оригиналните чевли им биле од кожа од ирвас, што им држела топло, но биле како мокасини, рамни, скоро како боси. Овие луѓе знаеле дека мораат да се движат природно, затоа што ако се повредат, тогаш можат да умрат. Во модерниот свет, 80% од луѓето што носат модерни чевли, над 15 години, имаат некаква болка во грбот, колената, колковите, а ова има голема врска со модерните обувки. Дел е од неправилните чевли, дел од неправилното седење, од целодневното седење и недвижење, телото ја губи флексибилноста. Многу луѓе имаат проблем со движењето до крајот на животот. Нема потреба од ова. Треба само да се вратиме на древната мудрост, дека сме дизајнирани да се движиме здраво. Да се биде босоног е златен стандард што треба да го почитуваме, особено поради децата. Но, модата секогаш ќе диктира, жените ќе сакаат да се покажуваат… Треба да се трудиме да бидеме што помалку во чевли. Кожата на ирвасите што ја носат луѓето на Арктикот е 50% полесна и 50% потопла од сите најнапредни чизми за планинарење што денес можат да се најдат на пазарот. Модерното правење чевли е тотално промашување.

wheeler-30-600

БИ: Каде ја гледате иднината на одење и трчање?

Мислам дека произведувачите на обувки веќе разбираат и почнаа да претставуваат чевли што даваат чувство на босоногост, дури и Nike. Се надевам дека иднината на одењето и трчањето ќе биде сè поприродно. Ако видите четиригодишно дете како босоного трча по бетон околу базен, како на тврда почва трчаат брзо, со ситни чекори, среќни и задоволни, нема причина зошто таквото движење да не нè следи целиот живот. А сепак, овие детски движења ги губиме, барем оние што живееме во урбани средини. Ако одите на некое место каде луѓето не носат чевли, ќе видите дека се движат така целиот живот. Се надевам, иднината води кон враќање на детските движења.

2