Чии акции беа најтргувани во првите шест месеци од оваа година?

86

Акциите на Комерцијална банка беа најтргувани на официјалниот пазар на Македонска берза во првото полугодие од 2021-ва година, покажува Полугодишниот билтен на берзата.

Со акциите на Комерцијална банка се направени вкупно 2.829 трансакции, што е промет од 883,6 милиони денари. Веднаш зад нив се акциите на Алкалоид со 1.546 трансакции и промет од 414,5 милиони денари, додека трети најтргувани се акциите на Гранит Скопје со 822 трансакции и промет од 260,4 милиони денари.

Меѓу најтргуваните акции на официјалниот пазар на берзата во првите шест месеци од оваа година се оние на: Макпетрол, НЛБ Банка, Македонски Телеком, Реплек, Стопанска банка, Македонијатурист и Стопанска банка Битола.

Најголем пораст од 200% имаат акциите на Интерпромет од Тетово достигнувајќи цена од 4.500 денари на крајот на јуни оваа година, додека на крајот на минатата година тие имаа вредност од 1.500 денари. Меѓу петте акции со најголем пораст во првите шест месеци од оваа година се и оние на: Тутунски комбинат Прилеп (61,29%), Лотарија на Македонија (52,59%), Макстил (44,37%) и Макошпед (30,89%).

Од друга страна, акции со најголем пад се оние на: РЖ Економика (-28,57%), Бетон Скопје (-24,29%), Карпош (-23,15%), Стопанска банка Скопје – приоритетни акции (-11,64%) и Славеј (-3,13%).

Фото: Facebook